Главни акценти за периодот јануари - март 2021
четврток, 08 април 2021

Вкупниот берзански промет по сите основи во Q1 2021 година изнесува околу 43 милиони евра, што претставува намалување од 36% наспроти истиот период лани кога вкупниот промет изнесуваше 68 милиони евра. Основна причина за ваквото намалување е екстремно високиот промет со акции во март минатата година поради големата ценовна осцилаторност што настана лани како последица од избувнување на пандемијата.  Консеквентно, прометот со акции во БЕСТ системот во првиот квартал оваа година изнесува околу 21 милиони евра и е за 49% помал во однос на истиот период 2020 година. Ваков тренд се забележува и кај просечниот дневен број на трансакции којшто во првиот квартал од 2021 година изнесува 91, додека просечниот дневен промет во Q1 од 2021 година изнесува околу 493 илјади евра. 

Од друга страна, подеталната aнализа на прометите со акции од редовно тргување во БЕСТ системот оствaрени во првите квартали во последните пет години покажува дека прометот во Q1 оваа година, со исклучок на ланскиот прв квартал, е втор најдобар резултат во последните 5 години. Исто така, за одбележување е многу високо зголемување на прометот остварен од тргување со обврзници, кој бележи пораст од 995% YoY. Ова, пред се, се должи на новата емисија на обврзници на денационализација во вкупна номинална вредност од 11,5 милиони евра, после едногодишната пауза. 

Од аспект на структурата на прометот во Q1, околу 68% од прометот е остварен од тргување со котираните компании, околу 31,6% е остарен преку блок трансакции, додека многу мал процент (0,22%) е реализиран од тргување со некотирани компании.

Перформансата на индексот МБИ10, што го мери општото ниво на цените на најликвидните десет акции на Македонска берза, во првиот квартал од 2021 година бележи пораст од 2,98%, споредено во однос на последната вредност на индексот на крајот на 2020 година. Доколку се анализира по месеци после порастот во јануари (4,07%) и февруари (2,25%), во март индексот бележи пад од 3,23%. Највисоката вредност на индексот во Q1 изнесуваше 5.150,20 индексни поени (на 17.02.2021 година), додека најниската вредност на индексот беше 4.710,31 поен (на 04.01.2021 година).

Компаративна анализа на движењето на регионалните акциски индекси е презентирана подолу.  

Анализата на ценовните движења на поединечните акции од актуелниот состав на МБИ10 индексот во три месеци од 2021 година покажува дека акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје бележат најголем пораст (9,25%). Потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје (8,23%) и Стопанска банка АД Скопје (4,11%). Само кај три акции, елементи на МБИ10 се забележува надолна корекција на цените. Во продолжение е прикажана ценовната перформанса на сите елементи на МБИ10 во првиот квартал од 2021 година.

Најтргувани хартии од вредност во анализираниот период се акциите издадени од Комерцијална банка, со вкупен промет по сите основи од 11,98 милиони евра, потоа следат акциите издадени од НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од околу 3,40 милиони евра и акциите на Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од околу 3,21 милиони евра. Учеството на прометот остварен во БЕСТ системот на десетте акции во МБИ10 индексот во прометот со акции од класично тргување во БЕСТ системот за првите три месеци од 2021 година изнесува 93%, што е вообичаено висока концентрација на класичното тргувањето во овие акции.

До крајот на март беа објавени и неревидираните финансиски резултати на котираните компании за 2020 година. Од 98 котирани компании, 66 регистрирале добивка, 29 загуба, додека 3 компании не доставиле финансиски извештај (за истите ќе следат соодветни санкции). Вкупната прикажана нето добивка на котираните компании за 2020 година е намалена за околу 0,21% споредено со 2019 година. 

Берзата повторно го продолжи бесплатниот период за користење на продуктот за електронско тргување преку Интернет (eTrader) за инвеститорите до 30.06.2021 година.

 

 

 

Македонска берза се приклучи кон глобалната иницијатива “Ring the Bell for Gender Equality”, со што за прв пат годинава влезе во друштво на стотина берзи ширум светот каде по повод Меѓународниот ден на жената со симболично ѕвонење на берзанското ѕвоно, се означува почетокот на тргувањето. Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамноправност, Берзата изработи кратка анализа за состојбите на овој план во органите на управување кај македонските котирани друштва.

 

 

 

 

 

 

 

Македонска берза и Загрепската берза потпишаа Договор за соработка во областа на едукацијата, согласно којшто овластените учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност и сите останати заинтересирани лица од нашата држава можат да учествуваат на обуките организирани од страна на Академијата на Загрепската берза по посебни повластени услови, односно со дисконт од 30% од редовната цена. 

 

Во првиот квартал од 2021 година, започнаа активностите за одбележување на 25 години од првиот ден на тргување на Македонска берза (28 март 1996 година). Беа објавени соодветни интервјуа и колумни во медиумите, а се започна и со емитирање на серија од пригодни кратки видеа во кој за Македонска берза ќе зборуваат брокерите, котираните компании, пазарните институции и други домашни и странски стејкхолдери и партнери. 

Сите активности по повод 25 години Македонска берза се достапни на посебната страна:

→  25 години Македонска берза