Дистрибуција на податоци

Брзото, навремено и релевантно информирање на инвеститорите за трговските активности на пазарот на хартии од вредност значи можност за нивно брзо, навремено и ефикасно прилагодување кон тие информации и дејствување врз основа на истите. 

Цените на хартиите од вредност, вкупниот промет остварен на берзата, статистиката од тргувањето и изведените клучни индикатори за хартиите од вредност и пазарот, заедно со индексите и информациите за котираните компании ги формираат основите за идните трговски трансакции на Берзата. Берзата, како единствен сопственик на целокупните информации за тргувањето со хартии од вредност и статистичките податоци што произлегуваат оттаму, треба да ги подготви овие податоци и да ги направи достапни за нејзините клиенти, во форма, содржина и под услови кои се во интерес на двете страни - корисниците на информациите и генераторот на информациите.

Информационите производи на Берзата и нивната содржина треба да бидат оптимизирани со цел да им обезбедат на сите потрошувачки групи доволен обем на информации, со потребен квалитет и брзина на прием на информациите. Корисниците на информациите ќе се определат за пакетите на информации што ќе ги добиваат врз основа на карактеристиките на пакетот, обемот и структурата на податоци што го содржи и надоместокот за негово добивање.

Македонска Берза АД Скопје се определува за генерирање и дистрибуција на следните типови на пакети на информации со податоци од тргувањето со хартии од вредност на Берзата и работењето на котираните компании, диверзифицирани според времето на нивното генерирање и дистрибуција:

  • податоци од тргувањето што се дистрибуираат во реално време;
  • податоци од тргувањето што се дистрибуираат со задоцнување од најмногу 15 минути;
  • податоци од тргувањето што се дистрибуираат на крајот на трговскиот ден; 
  • обработени податоци од тргувањето;
  • историски податоци од тргувањето; и
  • податоци од котирани компании.

Податоци од тргувањето - ТИКЕР,  што се дистрибуираат со задоцнувaње од најмногу 15 минути, со право на редистрибуција 

Податоците од тргувањето - ТИКЕР, што Берзата ги  дистрибуира со задоцнување од најмногу 15 минути се наменети за корисници-редистрибутери. 

Податоците од тргувањето - ТИКЕР содржат: шифра на хартијата од вредност; податоци за просечната пондерирана цена на секоја хартија од вредност за која има склучени трансакции на Берзата во текот на еден трговски ден и обележување за промената на цената во однос на просечната пондерирана цена на истата хартија од вредност на претходниот трговски ден.

Податоци од тргувањето што се дистрибуираат на крајот на трговскиот ден

Податоците од тргувањето што Берзата ги  дистрибуира на крајот на трговскиот ден со право на редистрибуција се наменети за професионални корисници (дата вендор-и) -редистрибутери чија цел е да поседуваат сопствена база на податоци со можност за нивна обработка и дистрибуција на обработените податоци, во целост или делумно, на поддистрибутери и/или на крајни корисници.

Податоците од тргувањето што Берзата ги дистрибуира на крајот на трговскиот ден содржат: листа на хартии од вредност; вредности на сите хартии од вредност; вредности на една хартија од вредност;  трансакции;  листа на индекси; вредности за сите индекси.

Податоци од тргувањето што се дистрибуираат во реално време - Ниво 1, Ниво 2 

Податоците од тргувањето - Ниво 1, Ниво 2 што Берзата ги  дистрибуира во реално време се наменети за корисници (дата вендор-и) -редистрибутери чија цел е да поседуваат сопствена база на податоци со можност за нивна обработка и дистрибуција на обработените податоци, во целост или делумно, на поддистрибутери и/или на крајни корисници.

  • Ниво 1 - податоци од тргувањето што Берзата ги дистрибуира во реално време, содржи податоци за:  листа на хартии од вредност; листа на промени на вредностите за хартиите од вредност во определен временски момент;  моментални вредности на сите хартии од вредност; моментални вредности на една хартија од вредност; трансакции;  листа на индекси;  листа на промени на вредностите за индексите во определен временски момент;  моментални вредности за сите индекси.
  • Ниво 2 - податоци од тргувањето што Берзата ги дистрибуира во реално време, покрај податоците содржани во Ниво 1 содржи и податоци за пазарната длабочина на најдобрите 10 цени и налози по хартија од вредност.

Како да станете дистрибутер на информации од Македонската берза


Условите за користење и/или редистрибуција на податоците се регулираат со посебен договор склучен помеѓу Берзата и корисникот, со кој задожително се уредуваат и технички стандарди за прием и преземање на податоците.
За подетални информации околу дистрибуцијата на податоци Ве молиме да не’ контактирајте на телефон 02 3122 055 или на e-mail datavending@mse.org.mk
Податоците од тргувањето се дистрибуираат со определен надоместок (види Тарифник).

Податоци без надоместок


Податоците од тргувањето кои Берзата ги објавува на крајот на трговскиот ден, на крајот на неделата, месецот и/или годината, како и податоците за вредноста на индексите кои Берзата ги објавува на крајот на трговскиот ден се достапни на јавноста без надоместок. Овие податоци кои се објавуваат на веб страницата на Берзата дистрибутерите на информации можат без надоместок да ги преобјавуваат, со задолжително наведување на изворот на информациите, доколку информациите од тргувањето дистрибутерот ги добива без посредство на Берзата и без ангажирање на нејзини посебни ресурси.