Виртуелна берза

 

 

Со цел да ја приближиме проблематиката на хартиите од вредност до пошироката јавност и да овозможиме практично применување на знаењата за инвестирање во хартии од вредност, Македонската берза организира едукативен проект „Виртуелна берза”.

Виртуелната берза претставува игра на знаење преку која учесниците стекнуваат искуство од областа на тргувањето со хартии од вредност. Виртуелната берза претставува симулација на вистинското тргување на Македонската берза, бидејќи со виртуелни пари се купуваат и продаваат вистински хартии од вредност што се тргуваат на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра има за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголем профит при тргувањето во виртуелниот берзански свет. Воедно, учесниците во играта имаат можност да го вреднуваат своето вистинско портфолио остварено од тргувањето на Македонската берза.

Виртуелна берза содржи три вида на лиги.

  • Глобална лига која ќе биде достапна за тргување со хартии од вредност во секое време. Оваа лига не е дел од наградната игра.
  • Нов циклус лига која ќе биде достапна за тргување во одреден временски период кој ќе биде најавен од организаторот на Виртуелна берза, Македонска берза АД Скопје. Оваа лига е дел од наградната игра на Берзата.
  • Посебна лига која е наменета да се користи како дел од образовниот процес. Додадена е можност за училиштата и факултетите да се креираат посебни лиги. Секоја посебна лига ќе биде достапна единствено за наставникот (професорот) и учениците (студентите). 

Правилата за учество се објавени на официјалната веб страница на проектот Виртуелна берза, истите важат за сите лиги. Учесниците во проектот и вредностите на нивните портфолија се објавуваат на интернет страницата на Виртуелна берза, а за најдобрите три учесници во лигата од новиот циклус по завршување на тековниот циклус следуваат награди. 

Повеќе детали за правилата за играта, условите за користење, како и наградите што ќе се доделуваат на најуспешните корисници во Виртуелната берза можат да се најдат на следниот линк: https://virtuelna.mse.mk/

Регистрација за учество во играта може директно да се направи преку линкот: https://virtuelna.mse.mk/registration