Процедури за доделување Годишни награди на Македонска берза

Годишните награди на Македонска берза  се доделуваат традиционално на крајот на календарската година, во месец декември.

Категории за доделување на годишни награди на Македонска Берза

1. Акција со најголем промет 

Во рамките на оваа категорија се прави поделба на компаниите врз основа на големината на компанијата, односно пазарната капитализација, при што компаниите се делат  во 2 групи и тоа во првата група влегуваат  компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра (големи компании) и втора група на компании под 50 милиони Евра. Оттука, согласно оваа поделба во оваа категорија се доделуваат две награди, односно акција со најголем промет кај компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра и акција со најголем промет кај компании со пазарна капитализација под 50 милиони Евра.
При креирање на ранг листата во оваа категоријата се зема предвид прометот остварен во БЕСТ системот, односно прометот од нормални трансакции и фреквентноста на тргувањето, односно минимум 33% од број на денови на тргување од вкупниот број на денови на тргување во анализираниот период. Доколку при креирање на ранг листата се утврди дека не се исполнети критериумите за истата, се прави соодветно рангирање според фактичките податоци од тргувањето.  

За категориите каде што е потребно да се аплицираат квантитативни критериуми за избор на победниците, како период за пресметка се зема почетокот на годината (1 Јануари) до вториот петок во месец декември во тековната година за која се доделуваат наградите. 

2.    Акција со најголем пораст на цената 
Во рамките на оваа категорија се прави поделба на компаниите врз основа на големината на компанијата, односно пазарната капитализација, при што компаниите  делат во 2 групи и тоа во првата група влегуваат  компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра (големи компании) и втора група на компании под 50 милиони Евра. Оттука, согласно оваа поделба во оваа категорија се доделуваат две награди, односно акција со најголем пораст на цената кај компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра и акција со најголем пораст на цената кај компании со пазарна капитализација под 50 милиони Евра. 
При креирање на ранг листата се земаат предвид само акции од издавачи котирани на Официјалниот пазар на Берзата, бројот на трансакции и фреквентноста на тргувањето, односно минимум 40% од број на денови на тргување од вкупниот број на денови на тргување во анализираниот период. Доколку при креирање на ранг листата се утврди дека не се исполнети критериумите за истата, се прави соодветно рангирање според фактичките податоци од тргувањето. 
Порастот на цената се пресметува (Официјална дневна цена на крајот на тековниот период- Официјална дневна цена на крајот на претходниот период)/ Официјална дневна цена на крајот на претходниот период.
Порастот на цената се изразува во проценти (%).

За категориите каде што е потребно да се аплицираат квантитативни критериуми за избор на победниците, како период за пресметка се зема почетокот на годината (1 Јануари) до вториот петок во месец декември во тековната година за која се доделуваат наградите. 

3.    Акција со најголем пораст на прометот
Во рамките на оваа категорија се прави поделба на компаниите врз основа на големината на компанијата, односно пазарната капитализација, при што компаниите се делат во 2 групи и тоа во првата групавлегуваат компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра (големи компании) и втора група на компании под 50 милиони Евра. Оттука, согласно оваа поделба во оваа категорија се доделуваат две награди, односно акција со најголем пораст на прометот кај компании со пазарна капитализација над 50 милиони Евра и акција со најголем пораст на прометот кај компании со пазарна капитализација под 50 милиони Евра. 
При креирање на ранг листата во оваа категоријата се зема предвид прометот остварен во БЕСТ системот, односно прометот од нормални трансакции и фреквентноста на тргувањето, односно минимум 25% од број на денови на тргување од вкупниот број на денови на тргување во анализираниот период. Доколку при креирање на ранг листата се утврди дека не се исполнети критериумите за истата, се прави соодветно рангирање според фактичките податоци од тргувањето. 
При креирање на ранг листата се земаат предвид само акции од издавачи котирани на Официјалниот пазар на Берзата. 
Порастот на прометот се пресметува (Промет од редовно тргување во тековниот период- Промет од редовно тргување во претходниот период Промет од редовно тргување во претходниот период.
Порастот на цената се изразува во проценти (%).

За категориите каде што е потребно да се аплицираат квантитативни критериуми за избор на победниците, како период за пресметка се зема почетокот на годината (1 Јануари) до вториот петок во месец декември во тековната година за која се доделуваат наградите. 

4.    Членка на годината 
Наградата членка на годината се доделува за остварувањата коишто овластените учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност ги имаат постигнато во прометот од редовно тргување во БЕСТ системот и бројот на трансакции од нормално тргување реализирани на берзата.  Во рамките на оваа категорија се доделуваат две награди:
•    Членка на годината која има остварено најголем промет од редовно тргување и број на транскации со акции и 
•    Членка на годината која има остварено најголем промет од редовно тргување и број на трансакции со обврзници. 

Тежински фактор или пондерот на остварениот промет и бројот на трансакции е 2/3 (67%) и 1/3 (33%), соодветно. Доколку две членки имаат ист конечен ранг, подобро рангирана членка е членката која има подобар ранг според промет од редовно тргување во БЕСТ системот.

За категориите каде што е потребно да се аплицираат квантитативни критериуми за избор на победниците, како период за пресметка се зема почетокот на годината (1 Јануари) до вториот петок во месец декември во тековната година за која се доделуваат наградите. 

5.    Награда за придонес во областа на едукацијата и развојот на пазарот на хартии од вредност 
Наградата се доделува на субјекти кои со своето делување, во конкретниот случај преку своите едукативни или други активности придонеле за развој на македонскиот пазар на хартии од вредност во одредена календарска година.

6.    Најтранспарентно котирано акционерско друштво
Со цел промовирање и поттикнување на транспарентно работење и навремено објавување на информации во јавноста од страна на котираните акционерски друштва, Берзата ја доделува наградата за најтранспарентно котирано акционерско друштво. Оваа награда овозможува препознавање во јавноста на издавачите на хартии од вредност коишто се пример за добро корпоративно комуницирање со инвестициската и пошироката јавност. Оттука, во насока на добивање на  подетален увид како се оценува транспарентноста на котираните компании во пошироката заедница се доделуваат  две награди за транспарентност и тоа за:
•    Најтранспарентно котирано акционерско друштво на Берзата по избор на пазарните учесници;
•    Најтранспарентно котирано акционерско друштво на Берзата по избор на новинарите.

Критериуми  за оценување на најтранспарентно котирано акционерско друштво на Македонска берза кои се земаат во предвид од страна на Комисиите за избор се следните:
•    Изработка на годишен извештај на друштвото и негов квалитет
•    Примена на Кодексот за корпоративно управување на Берзата;
•    Обем на информации на интернет страницата на друштвото;
•    Начин на комуникација на друштвото со јавноста и пазарните учесници;
•    Квалитет на објавени и јавно достапни информации

Комисијата за избор составена од пазарните учесници и Комисијата за избор составена од новинари вршат избор на најтранспарентно котирано акционерско друштво на Берзата од листата на 10 котирани друштва, претходно селектирани од страна на стручната служба на Берзата, врз основа на нивната транспарентност во текот на календарската година, односно бројот и структурата на објавените известувања преку СЕИ-Нет и нивниот квалитет, квалитетот на објавениот годишен извештај за работењето на друштвото, примената на Кодексот за корпоративно управување, квалитетот на интернет страницата на друштвото итн.
Периодот на евалуација на котираните акционерски друштва за наградата за најтранспарентно акционерско друштво котирано на Берзата е тековната календарска година. 


7.    Акција на годината по избор на јавноста

Акцијата на годината по избор на јавноста е награда која се доделува на издавач на хартии од вредност, избран со гласање преку онлајн анкета на веб страницата Берзата и на еден Интернет портал-партнер на Берзата за оваа награда. Листата со 10 акции за гласање во оваа категорија ќе бидат номинирани од страна на Берзата, врз основа на остварениот промет и нивната транспарентност во текот на календарската година, особено бројот и структурата на објавените известувања преку СЕИ-Нет и нивниот квалитет, квалитетот на објавениот годишен извештај за работењето на друштвото, примената на Кодексот за корпоративно управување,  квалитетот на интернет страницата на друштвото итн.  Анкетата трае максимум еден месец и по завршување на тој период се избира победникот во оваа категорија согласно гласовите на пошироката инвестициска јавност.

8.    Воведување на други категории на награди и доделување на други видови награди
Берзата може да воведе и други категории на награди различни од претходно наведените. Во зависност од тоа дали наградата се донесува врз основа на квалитативни или квантитативни критериуми, по потреба, се изработуваат соодветни методологии за доделување на наградите и /или се формираат соодветни комисии 
 
Берзата може самостојно да одлучи да додели повеќе или различни видови награди во зависност од предлозите на членовите на комисиите , кои можат да носат различно име од оние наведени во категориите утврдени во овие Процедури  (на пример, „плакета“, „признание“, „специјална награда“, „посебно признание“, итн.). Овие награди се доделуваат како знак на признание за заслуги или достигнувања важни за македонскиот пазар на капитал и/или Македонска берза АД Скопје, придонес кон развојните цели, поддршка на македонскиот пазар на капитал и/или за Берзата и други заслуги кои придонеле за функционирањето  и за унапредување на позицијата и угледот на пазарот на капитал и/или Македонска берза АД Скопје во земјата и пошироко.