Македонска берза и годинава е учесник во Иницијативата “Ring the Bell for Gender Equality“. Темата е “Инвестирајте во жените: Забрзајте го напредокот“, со што токму на Меѓународниот ден на жената се подигнува свеста за родово одговорно финансирање преку подобрување на пристапот на жените до финансиските пазари и промовирање на поголемо учество на жените во органите на управување на компаниите.
По овој повод, денеска, ѕвоното на Македонска берза заеднички го заѕвонија претставници на топ менаџментот на три успешни компании што котираат на Македонска берза, Бранка Славеска, Генерален директор на Винарска Визба Тиквеш, Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на Макстил и Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор на Макпетрол, и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
Во оваа прилика, Главниот извршен директор на Берзата, Иван Штериев изјави: „Подигнување на прашањето на родова рамноправност во корпоративниот сектор на повисоко општествено ниво е повеќегодишна заложба на Македонска берза. Потребата од поголема инклузија на жените во управувањето и раководењето на компаниите треба да се прифати како неопходна аксиома за прогрес во деловното работење. Родовата рамноправност во сферата на претприемаштвото и менаџментот создава дополнителен креативен наплив во целокупните економски текови. Тоа е глобално препознаено во современите општества и во таа насока се дизајнираат и нормативните решенија во компаниското право и кодексите на корпоративно управување, вклучително и тој на нашата берза. Особено радува фактот што податоците од родовата анализа на структурата на органите на управување на котираните компании на Македонска берза, којашто ја објавуваме секој 8 март од 2021 година наваму, покажуваат тренд на благо подобрување, со истовремена констатација дека се’ уште има голем простор за позитивно балансирање на овој план и уште посуштинско “заѕвонување за родова еднаквост”.
Бранка Славеска, Генерален директор на Винарска Визба Тиквеш изјави ‘’Родовата еднаквост е круцијална бидејќи овозможува правилно да се употреби продуктивниот потенцијал на целокупната работна сила и е предуслов за одржлив развој и поголем придонес во општеството. Со цел таа да се унапреди важно е да негуваме инклузивна средина. Ова вклучува пред сè промовирање на еднакви можности за сите во текот на образованиот процес, вработувањето и пристапот до лидерски позиции. Поттикнувањето на отворен дијалог како и активната борба против дискриминацијата и стереотипите се клучни и може со сигурност да придонесат кон унапредување квалитетот на живот на секој поединец’’.
Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во Макпетрол истакна ‘’Инвестирањето во вработените e клучно за развојот на компаниите, а со тоа и на целото општество. Вложувањето во жените мора да биде наш приоритет, затоа што целосната рамноправност сè уште не е постигната. Тоа може да се оствари само преку создавање можности што на жените им отвораат реални шанси за остварување на својот потенцијал. Потврда за ова е фактот што Обединетите нации годинава го одбележуваат 8 Март со тема што го истакнува значењето на инвестирањето во жените. Уште подобро е што причината за тоа е сосема јасна – вложувањето во жените носи напредок! Историски гледано, години наназад во раководството на Макпетрол жените се застапени и рамноправно придонесувале во целокупното работење на компанијата. Вработените во нашата компанија се најзаслужни за секојдневниот напредок, а жените се суштински дел од овој процес. Во своите бизнис-планови Макпетрол секогаш одвојува средства што се вложуваат во професионални обуки, можности за доедукација и отворени опции за кариерно унапредување на жените што се дел од компанијата. Како резултат на тоа, сè повеќе жени се застапени во раководните структури на нашата компанија, на што сум особено горда‘’.
Марија Дуковска-Павловска, Генерален директор на Макстил изјави ‘’За компетенциите и вештината на жените не постојат ограничувања, освен оние што самите си ги поставуваме. Се покажа дека и во сегментот на тешката индустрија започнува процес на родовата еднаквост и отфрлање на стереотипите. Важни за изборот за работа се професионалноста, знаењето и вештините што една личност ги поседува. Во Макстил има голем број жени што се поставени на клучни позиции и со тоа не само што ги рушиме верувањата за поделба на професиите според родот, туку покажуваме дека зависи од самите нас какви бариери си поставуваме и дека ништо не е недостижно. Сепак, конструктивната и прогресивна сила доаѓа од образованието и од искуството, а не од родовата припадност и тоа треба да ни биде приоритетно во изборот‘’.
Ова е десетта кампања на Иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“ поддржана од над 110 берзи, а којашто е партнерство помеѓу Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата и оваа година објавува ажурирана анализа за структурата на органите на управување кај котираните акционерски друштва којашто е достапна на следниов линк: https://www.mse.mk/mk/news/8/3/2024/gender-analysis-2024