На седницата на Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје, одржана на 08.10. 2008 година, се разгледуваа актуелните случувања на македонскиот пазар на хартии од вредност и се донесоа соодветни одлуки во функција на стабилизирање на нагласените ценовни осцилации во последно време.
Воедно, Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје, поттикнат првенствено од големиот интерес на јавноста, одлучи да ја информира јавноста и за следново.
Светските искуства покажуваат дека сите пазари на хартии од вредност, вклучително и македонскиот, подлежат на циклични појави и движења што подразбираат поголеми или помали промени на вредностите на цените на хартиите од вредност и индексите на берзите. Во таа смисла Македонската берза на хартии од вредност не е имуна на актуелните глобални и регионални берзански текови.
Случувањата на светските берзи, кои се последица од кризата која ги зафати глобалните финансиски пазари, очигледно влијаат на цените на акциите и индексите на Македонската берза, како и на сите други берзи во регионот. Сепак, фактите и искуството покажуваат дека и покрај тоа што психолошките фактори влијаат на движењето на цените на акциите на краток рок, на среден и долг рок најважен фактор во формирањето на цените на акциите секогаш се перформансите на компаниите.
Македонска берза АД Скопје уште еднаш потсетува дека таа е само организатор на тргувањето со хартии од вредност и дека таа никако не влијае врз движењето на цените на акциите, односно дека единствено одлуките и проценките на инвеститорите, односно побарувачката и понудата на пазарот ги формираат цените по кои на берзата се тргува со акциите.
На крајот, имајќи ја предвид самата природа на пазарот на хартии од вредност која е исклучително чувствителна на секоја шпекулација, односно фактот дека секоја информација врзана за движењата на берзата може реално да влијае врз актуелните цени на акциите, Македонска берза АД Скопје, во согласност со досегашната пракса, нема да ги коментира или прогнозира пазарните движења, бидејќи во формирањето на истите таа секеко и не влијае.