Во врска со медиумските написи во последниот период околу транспарентноста на котираните друштва на Берзата, особено по воведувањето на задолжителната котација, а имајќи го предвид текстот „Кој ги убива Берзата и акционерството“ објавен во неделникот Капитал (бр. 736 од 06.12.2013 година), би сакале да го истакнеме следното:
· После измените во Законот за хартии од вредност со кои се воведе задолжителната котација, бројот на котирани друштва на Берзата коишто имаат обврска да ја информираат јавноста и инвеститорите преку Системот за електронско известување на котираните акционерски друштва (СЕИ-Нет) се зголеми од 32 на 115 друштва. Од денот на котацијата на првите друштва на задолжителна котација (11.06.2013 година) до денес, друштвата котирани на подсегментот Задолжителна котација преку СЕИ-Нет на веб страната на Македонската берза објавиле вкупно 200 консолидирани и неконсолидирани неревидирани финансиски извештаи. Воедно, сите новокотирани друштва ја исполнија обврската за објавување на квартални неревидирани финансиски извештаи, односно неревидирани финансиски извештаи за периодот 01.01.-30.06.2013 година и неревидиран биланс на успех за периодот 01.01.-30.09.2013 година. Истовремено, во наведениот период друштвата од задолжителна котација објавиле вкупно 284 известувања за нефинансиски ценовно чувствителни информации кои опфаќаат јавни повици и предлог-одлуки за собрание на акционери, донесени одлуки на собрание на акционери (распределба на добивка, дивидендни календари, измени во органи на управување, откуп и продажба на сопствени акции и други одлуки од собрание), како и известувања за други ценовно чувствителни информации (образложенија за работењето и остварените финансиски резултати, склучени договори, кредитни задолжувања, давање имот под залог, промени во структурата на акционерите итн.). Јавното објавување на наведените финансиски и нефинансиски ценовно чувствителни информации од страна на котираните друштва е клучниот аспект на новата транспарентност во нивното работење, бидејќи токму преку овие известувања инвеститорите и јавноста можат да го следат работењето на овие друштва и да донесуваат адекватни инвестициски одлуки, односно да прават соодветни анализи. Овие информации за сите новокотирани друштва сега се централизирани на едно место и јавно достапни преку веб страната на Берзата, при што сите постојни акционери, потенцијални инвеститори, професионални аналитичари и различни истражувачи можат истите да ги користат, да прават свои бази на податоци и да формулираат свои оценки и заклучоци. Токму на креирањето на ваквото окружување и постоење на вакви јавни информации се базираа и се’уште се базираат тврдењата на Берзата дека со мерката задолжителна котација значително се зголемува транспарентноста на македонскиот пазар на хартии од вредност.
· Во однос на информациите кои се однесуваат на акционери со над 5% од главнината во котираните друштва (еден од видовите на податоци коишто се наброени погоре), уште еднаш нагласуваме дека согласно Правилата за котација на Македонската берза за кои е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност, секое котирано друштво има обврска овие податоци да ги објави во Проспектот за котација (иницијално и еднократно), а после котацијата со соодветни објави преку СЕИ-Нет да известува за секое понатамошно купување и продавање на акции од страна на акционерите кои поседуваат над 5% од акциите со право на глас (перманентно ажурирање на овие податоци). Сите известувања за ажурирање на сопственоста на поголемите акционери може да се следат преку веб страната на Берзата од страна на секое заинтересирано лице на ист начин како и следењето на сите други ценовно чувствителни информации што се објавуваат од страна на котираните друштва.
· Нормативните системски решенија за централизирано јавно следење на податоците за сопствениците на акции во котираните и/или јавнопоседуваните друштва, во определен помал или поголем опсег, по правило се дефинираат во соодветната законска регулатива и се спроведуваат од страна на депозитарите на хартии од вредност, имајќи го предвид фактот дека секоја настаната промена во акционерската структура на друштвата се евидентира во овие институции. Таква е нормативната и институционална поставеност и на некои од регионалните пазари кои се наведуваат како примери во јавноста. Токму во таа насока одат и последните предложени измени на Законот за хартии од вредност, кои се во соодветна процедура во Собранието на Република Македонија и со кои се утврдува системско решение Централниот депозитар на хартии од вредност, на уште пофреквентно ниво отколку порано, односно секоја недела да ги објавува на својата веб страна податоците за сите акционери кои поседуваат над 5% од акциите на сите котирани друштва и на друштвата со посебни обврски за известување.