Одборот на директори на Македонската берза на седницата одржана на 30.03.2009 година донесе одлука за исклучување од котација на акциите издадени од Маврово АДГ Скопје, согласно член 9.05 точка 2 подточка ж) од Правилата за котација на Македонската берза АД Скопје.
Одборот на директори на Македонската берза, по објавеното известување преку СЕИ-Нет од страна на Маврово АДГ Скопје на 27.03.2009 година со кое друштвото извести за донесената одлука на управниот одбор на друштвото „за покренување на стечајна постапка над Маврово АДГ Скопје, од причини на трајна неможност за исполнување на финансиските обврски, а во согласност со важечките македонски прописи“, констатира дека одлуката на управниот одбор на Маврово АДГ Скопје за иницирање на отворање на стечајна постапка над друштвото, а особено аргументацијата за причините за истото, претставува сериозна причина за загрозување на интересите на инвеститорите и донесе одлука за исклучување од котација на акциите издадени од Маврово АДГ Скопје.
Акциите издадени од Маврово АДГ Скопје ќе бидат исклучени од котација на 01.04.2009 година (среда) од кога со нив ќе се тргува на Редовниот пазар-Пазар на јавно поседувани друштва.