На 27-ми јуни 2012 година во просториите на Македонската берза беше најавено воспоставувањето на Тренинг центарот на Македонска берза АД Скопје, проект реализиран со поддршка од Европската банка за обнова и развој, а во чијашто конкретна имплементација беа вклучени консултанти од конзорциумот на Виенската берза CAPMEX.
Пред претставниците од медиумите, кратки излагања за мотивите за воспоставување на Тренинг центарот, начинот на имплементација на овој проект и идните очекувања имаа г-ѓа Елена Урумовска, Претставник на Европска банка за обнова и развој во Македонија, г-дин Ханес А. Такач,Главен партнер во CAPMEX – The Capital Market Experts од Виена, Австрија и г-дин Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонската берза.
Г-ѓа Урумовска, ја поздрави идејата на Македонската берза за воспоставување на овој Тренинг центар, притоа истакнувајќи дека: „Проектот е во склад со иницијативата на ЕБОР за поддршка на развојот на пазарите на капитал во земјите во кои работи Банката. Веруваме дека искуството на Банката, стекнато меѓу другото и како инвеститор во Московската берза, може да биде корисно во процесот на консолидација на берзите во регионот, вклучувајќи и за Македонската берза.”
Осврнувајќи се на мотивите за воспоставување на Тренинг центарот на Македонска берза, Главниот извршен директор на Македонската берза, г-дин Иван Штериев изјави „Основна мисија на Тренинг центарот е овозможување на континуирана и висококвалитетна едукацијана постојните и потенцијални учесници на македонскиот пазар на хартии од вредност од областа на тргувањето со хартии од вредност, финанасиските инструменти и други релевантни теми, со оглед на фактот дека зајакнувањето на капацитетите на сите пазарни учесници е еден од најважните предуслови за негов понатамошен развој.“
Во своето излагање, Г-дин Такач уште еднаш ја потенцираше улогата на едукацијата на инвеститорите и компаниите во раздвижувањето на пазарите на капитал и зајакнувањето на заштитата на инвеститорите, притоа истакнувајќи дека „Единствено инвеститорите со потребен know-how се активни инвеститори“.
Понатаму, беше презентирана наставната програма на Тренинг центарот во рамките на која иницијално се предвидени 7 теми на обуки: Приниципи на пазарите на капитал, Планирање на лични финансии, Корпоративно финансирање, Инвестициско банкарство, Анализа на финансиски извештаи, Објавување на финансиски информации и односи со инвеститори и Фјучерси и опции. Предавачи на обуките ќе бидат истакнати домашни експерти од областа на финансиите и пазарот на хартии од вредност.
Воедно, беше истакнато дека обуките се наменети за: сегашните и идни индивидуални и институционални инвеститори, банките, брокерски куќи и други финансиски институции, акционерските друштва, медиумите и сите заинтересирани лица кои имаат желба да се стекнат или да ги продлабочат своите знаења од областа на финансиите и пазарот на хартии од вредност.
Тренинг центарот ќе започне со првите обуки во месец октомври 2012 година.