На 23.11.2022 година во организација на Македонска берза се одржа тркалезна маса на тема „Излегување на берза – Зошто никој не го крши мразот“.
Настанот, којшто се одржа во кино Cineplexx, започна со презентација на резултатите од спроведената анкета за потенцијалот на македонскиот пазар на хартии од вредност (видувања на компаниите за трансформација во АД, IPO и берзанската котација), која за потребите на Берзата, ја спроведе агенцијата Стратум РиД.
Генералните заклучоци од анкетата се дека поголем процент од анкетираните компании (51%) не се подготвени да дозволат разводнување на сопственоста поради учество на трети лица во нивниот капитал, како и дека одреден процент од компаниите (39%) бараната транспарентност согласно регулативата во областа на хартии од вредност ја перцепираат како негативност од нивен аспект. Истражувањето покажа дека околу три четвртини од компаниите засега не размислуваат за трансформација во акционерски друштва и симултано прибирање капитал. Исто така, голем процент од компаниите (65%), и покрај повеќегодишните едукациски програми и информативни кампањи, не се детално запознаени со функционирањето на пазарот на капитал во земјата генерално и берзата конкретно. Во однос на имиџот на Македонска берза, анкетата покажа дека испитаниците дале висока средна оценка за професионалноста и сериозноста на институцијата, дека истата остварува добра соработка со другите финансиски институции во земјата и дека може да биде една од носечките институции за динамизирање и понатамошен развој и на пазарот на капитал.
Целосните и детални резултати од ова истражување се достапни на следниот линк.
Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, кој беше и модератор на тркалезната маса, во своето воведно обраќање ја отвори дебатата со констатација дека резултатите од истражувањето се всушност потврда на она што со години интуитивно и искуствено е идентификувано - познавањата на компаниите за можностите што ги нуди пазарот за финансирање се сеуште на доста ниско ниво и дека дополнително постојат низа објективни, но и ирационални дилеми и стравувања, при што како најеклатантно се појавува прашањето на т.н. разводнување на сопственоста. Директорот на Берзата нагласи дека ова е тема за која е зборувано многу пати, но дека мисијата на Берзата е постојано да го отвара ова прашање и да се навраќа на истото циклично, имајќи предвид дека економските односи и состојби во општеството се менуваат и стануваат позрели.
На тркалезната маса за познавањето, интересот, заблудите и очекувањата на компаниите поврзани со акционерството, нови емисии на хартии од вредност и берзанската котација дикутираа Душан Пецовски, Генерален директор на „Реплек“ АД Скопје, Горан Антевски, Генерален менаџер на „Раде Кончар-ТЕП“ ДООЕЛ Скопје, Нина Ангеловска, Директорка за меѓународен развој во „Ananas E-commerce“ и Горан Ѓорѓиевски, Основач и управител на „Специјал – Продукт“ ДООЕЛ Скопје.
И на панел дискусијата преовладуваа ставови дека кај нас има недоволна информираност за можностите за прибирање капитал на берзата, што сеуште укажува на ниска инвестициска култура. Дополнително, беше потенцирано дека здравствената и енергетската криза влијаат компаниите моментално да не размислуваат за пазарот на капитал како алтернатива за финансирање, но дека е за очекување работите да се променат на среден рок.
Целиот видео материјал од настанот е достапен на интернет страната на Македонска берза преку следниов линк