Потпишувањето на овој документ претставува најава за потесна соработка помеѓу овие берзи на полето на промоција на регионалниот пазар на хартии од вредност; меѓународна промоција на регионалните издавачи на хартии од вредност и продукти; понатамошен развој на регионални финансиски инструменти, услуги и членки на берзите и координирање, развој и институционализација на оваа соработка.
Примарната цел на Меморандумот за партнерство е да овозможи понатамошен развој на регионалниот и националните пазари на хартии од вредност и истиот е во функција на излегување во пресрет на потребите на големите меѓународни и регионални актери на пазарот: институционални и индивидуални инвеститори, брокерски куќи и други финансиски посредници и издавачите на хартии од вредност.
При воспоставувањето на соработката се имаа предвид следните главни цели: да се развие концепт на регионални финансиски инструменти со фокусирање на регионалното и меѓународното внимание кон врвните вредности во регионот; да се организира зедничка промоција на националните пазари и најважните издавачи на хартии од вредност; да се развие заедничка интернет страница и да се изготвуваат периодични извештаи за постигнатите резултати на националните пазари. Понатаму, планираните активности вклучуваат развој на пазарни индекси и други облици на заедничко претставување, како и структурирани финансиски инструменти кои ќе можат да се тргуваат на повеќе национални пазари истовремено. Сите берзи-потписнички на Меморандумот ќе вложат напори за развивање на концептот на регионални инвестициски посредници и нивна промоција како главни канали за привлекување на меѓународните инвеститори во регионот и засилување на активноста на регионалните инвеститори во рамките на регионот.
Поконкретно кажано, целите кои што треба да се остварат во 2008 година се следните: да се развие и да се лансира регионален индекс кој ќе ги следи општите ценовни движења на сите берзи во регионот и регионален индекс кој ќе ги следи цените на одредени хартии од вредност во регионот (на кој ќе можат да се базираат определени структурни продукти); да се подготви и организира регионална и меѓународна инвеститорска конференција на која ќе бидат претставени главните регионални продукти; да се развие и да се издаде регионален магазин кој што ќе излегува два пати годишно; да се креира заедничка веб страница преку која ќе се претставува пазарот на хартии од вредност на ниво на регион.
После потпишувањето на овој Меморандум, берзите потписнички ќе упатат покана и до берзите во Бања Лука, Сараево и двете берзи од Црна Гора (НЕЏ и Монтенегро берзата) да се приклучат кон овој проект. Соработката која што ќе се остварува во рамките на овој Меморандум е отворена за сите други иницијативи и проекти за соработка кој што делуваат во правец на развој на пазарите на хартии од вредност во регионот.Партнерството помеѓу берзите-потписнички започнува на денот на потпишувањето на овој Меморандун и ќе трае две години, односно до крајот на 2009 година.