Редизајнирана мобилна апликација СЕИНет – ново дигитално искуство за пристап до објавите од котираните друштва на Македонска берза
четврток, 15 мај 2025

Македонската берза ја најавува новата, целосно редизајнирана мобилна апликација СЕИНет, наменета за транспарентен, брз  и лесен пристап до сите информации што котираните акционерски друштва задолжително ги објавуваат преку Системот за Електронски Информации на Берзата (СЕИНет).

СЕИНет (www.seinet.com.mk) e електронски систем преку којшто акционерските друштва кои котираат на Берзата објавуваат информациите согласно Правилата за котација. Преку СЕИНет, инвеститорите и пошироката јавноста добиваат навремени и точни информации за различни аспекти од работењето на компаниите и релевантно донесување на инвестициски одлуки. Моментално на Берзата се котирани 92 компании и банки.

Во рамките на континуираната заложба на Берзата за унапредување на транспарентноста и дигитализација на пазарот на капитал, новата верзија на мобилната апликација на СЕИНет донесува значителни подобрувања во корисничкото искуство, пристапноста до податоци и брзината на информирање на инвеститорите и пошироката јавност.

Клучни новини и функционални подобрувања во мобилната апликација СЕИНет се:

  • Современ интуитивен дизајн - новата апликација нуди појасен визуелен приказ и подобрена навигација, овозможувајќи им на корисниците брз преглед и пристап до сите објави, категории на информации и издавачи.
  • Персонализирани известувања - корисниците можат да изберат конкретни друштва и да добиваат известувања веднаш по нивната објава.
  • Напредно пребарување и филтрирање - воведени се нови алатки за филтрирање по датум, друштво, категорија и клучен збор.
  • Преглед и преземање на документи - сите документи се достапни со еден клик, со можност за директно преземање.
  • Тикер со податоци за движењето на цените – приказ на просечните цени на сите хартии од вредност што се тргуваат на Берзата (со задоцнување од најмногу 15 минути во однос на реалното време на склучените трансакции) и нивна процентуална промена во однос на официјалната просечна цена постигната на претходниот ден на тргување. 

                                                                         Новата СЕИНет мобилна апликација на Берзата е достапна за бесплатно преземање преку: 
                                                                                                                                              Google Play Store
                                                                                                                                                 Apple App Store.
                                                                                                  СЕИНЕТ – ВАШАТА ИНФОРМАЦИСКА ПОРТА ЗА МАКЕДОНСКА БЕРЗА!