Скопје, 15.10.2008 – на 15 и 16 октомври 2008, Бањалучката, Белградската, Љубљанската, Македонската, Монтенегро берзата, NEXберзата, Сараевската и Загребската берза за првпат заедно ќе учествуваат на дводневна меѓународна конференција за инвеститори. Првата меѓународна средба на пазарите на капитал од Југоисточна Европа ќе се одржи во Виена. Целта на оваа средба е да се промовираат најголемите издавачи на хартии од вредност од регионот и нивните пазари на капитал, како и да се привлечат меѓународни инвеститори.
На 15 и 16 октомври 2008, Виена ќе биде домаќин на првата меѓународна средба на пазарите на капитал од Југоисточна Европа, организирана во соработка со Raiffeisen Centrobank. Учесници се сите осум берзи од Југоисточна Европа: берзите од Бања Лука, Белград, Љубљана, Македонија, Сараево, Загреб и двете берзи од Црна Гора. За време на настанот ќе се претстават одбрани компании од сите берзи и истите ќе одржат индивидуални состаноци со инвеститори.
На првата меѓународна средбаќе земат учество 21 регионален издавач на хартии од вредност. Компании кои се котирани на Македонската берза, а ќе бидат присутни во Виена се: Гранит АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и Топлификација АД Скопје.
Со Меморандумот за партнерство, кој членките-берзи го потпишаа во декември 2007 година со цел да се зголеми препознатливоста на регионалниот пазар на капитал и на поединечни издавачи на хартии од вредност од регионот, е предвидено промовирање на регионалните компании кај регионалните портфолио инвеститори.
Настанот во Виена ќе го посетат 70 институционални инвеститори, додека, исто така, се закажани и 150 индивидуални средби.
Во рамки на Меморандумот за партнерство, Македонската берза учествуваше во воведувањето на двата регионални индекси: DJ STOXX Sub Balkan Total Market Index и the DJ STOXX Sub Balkan 30, кои ќе придонесат за зголемување на меѓународната препознатливост на издавачите од Македонија и нивното значење во регионот.
Пазарите на капитал од Југоисточна Европа за првпат се претставија на заедничката средба во јуни 2008 во Загреб и истата беше од регионален карактер.
Македонска берза АД Скопје