НА „ИНВЕСТИТОРСКИОТ ДЕН“ НАЈМНОГУ СКЛУЧЕНИ ТРАНСАКЦИИ НА БЕРЗАТА ВО 2021 ГОДИНА
понеделник, 13 септември 2021

Втора година по ред на Македонска берза успешно се одржа „Инвеститорски ден“ на којшто сите домашни физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, Централниот депозитар на хартии од вредност и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на остварен промет до 10.000 евра.

На денешниот „Инвеститорски ден“ на Берзата се склучија вкупно 262 трансакции што претставува најголем број склучени трансакции во еден ден на тргување во 2021 година. Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво оваа година изнесува 216 трансакции, додека просечниот дневен број на трансакции во 2021 година е 84.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот со акции денес надмина 640 илјади евра, односно изнесува околу 40 милиони денари што е зголемување за повеќе од 45% во споредба со просечниот дневен промет во БЕСТ во 2021 година. Дополнително, денес во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 432 налози за тргување, што претставува најголем број на внесени налози во берзанскиот систем за тргување во текот на оваа година.

Иницијативата „Инвеститорскиот ден“ ја прифатија и во неа активно се вклучија осум од вкупно десет членки на Берзата (Еурохаус, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија) и Централниот депозитар за хартии од вредност, а истата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.

                                                                                                                                        ИНВЕСТИРАЈТЕ ВО МАКЕДОНСКИ АКЦИИ!