Тетовска банка не ја прифаќа понудата за откуп на обични акции од страна на Тетекс АД Тетово
понеделник, 12 јануари 2004
Согласно Законот за преземање на акционерски друштва, до Македонската Берза е доставено Образложено мислење на Управниот одбор на Тетовска банка АД Тетово, во врска со понудата за откуп на акции со право на глас издадени од Тетовска банка АД Тетово, објавена од страна на Тетекс АД Тетово, во кое е наведено дека понудата не се прифаќа.
Во образложението на мислењето, меѓу другото, е наведено следното: “Понудата на Тетекс АД Тетово за купување акции со право на глас од акционерите на Тетовска банка АД Тетово за стекнување над 25% од вкупните акции со право на глас издадени од Тетовска банка АД Тетово е поднесена откако Понудувачот Тетекс АД Тетово пред да побара и да добие согласност од Комисијата за хартии од вредност и без да се договори со Управниот одбор на Банката, започнал заедно со своите поврзани субјекти со купување на акции од акционерите на Банката со што далеку го надминал процентот од 25% од вкупните акции со право на глас издадени во Банката, со што го ставил Управниот одбор на Банката пред свршен чин и непочитувајќи го Законот за преземање на акционерските друштва.
Откако на Понудувачот му било укажано на неговата постапка при купувањето на акции, тој наместо да ги елиминира незаконитите дејства, продолжил со истите купувајќи и продавајќи ги акциите на своите работници и други лица поврзани со него, спротивно на ЗПАД и на член 33 од Статутот на Банката.
Понудувачот не стапил во преговори со Управниот одбор на Банката за судбината на акциите купени над 25% од вкупните акции на Банката пред давање на понудата, па Управниот одбор ќе ги смета тие акции како акции согласно член 55 од ЗПАД.“