Единаеста годишна конференција

11-та Годишна конференција на Македонската берза

И овој пат XI-тата годишна конференција на Македонска берза, одржана во преубавиот Охрид, беше централно место  каде околу  200 домашни и странски учесници, професионалци и експерти од финансиската индустрија дебатираа, разменуваа мислења, споделуваа искуства. Дводневната конференција беше исклучителна можност за се запознаат најновите трендови и мислења поврзани со пазарот на хартии од вредност, како и финансискиот пазар во целина.
Низ организирани дебати и панел дискусии се направи обид да се препознаат  Македонските економски предизвици како и  Меѓународните и регионалните економски предизвици, да се  дефинира местото и  перспективите на Осигурителните друштва и импликациите од функционирањето на истите за македонскиот пазар на капитал, се анализираа Актуелните предизвици на финансиската регулатива,  како и размислувањата за утврдување на новиот развоен модел на Македонски пазар на капитал.
Во програмата  на оваа годишна конференција по трет пат беше доделено признание  за најтранспарентно котирано друштво на Македонска берза - ’Кристално ѕвоно’ и најдобар научно-истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност. 

Погледнете ги презентациите на говорниците во склоп на панелите одржани на 11-та годишна конференција на Македонска берза:

Current challenges in Financial regulation and supervision - Peter Braumuller

Current challenges of the financial regulation and supervision - Primoz Pinoza

International and regional economic challanges -Jitka Pantuckova

Актуелни предизвици на банкарската регулатива - Violeta Stojanovska Petreska

Новини во (Предлог) Законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност - Мате Стојановски

Повеќе детали за конференцијата се содржани во посебниот прилог

 

Доделена наградата за најдобар истражувачки труд

На 11-та годишна конференција на Македонската берза беше доделена наградата  за најдобар истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.
Изборната комисија во состав  проф. Д-р. Михаил Петковски, претседател на Комисијата, проф. Д-р. Јане Миљовски, доц. Д-р. Сашо Арсов, Иван Штериев и Илчо Лазарески воспостави интерни критериуми за оценка на квалитетот на поднесните трудови, критериуми кои претставуваат и стандард во меѓународната академска практика:

• Релевантноста, односно актуелноста на темата – предмет на истражувачкиот труд;
• Методолошкиот пристап користен при изработката на истражувачкиот труд;
• Иновативноста на истражувачкиот труд и
• Применливоста на резултатите од истражувачкиот труд во практиката во Република Македонија, односно неговиот апликативен дел.

Врз основа на овие критериуми Комисијата едногласно оцени дека трудот кој заслужува да ја добие наградата за најдобар труд од областа на пазарот на хартии од вредност за 2009 година е трудот на авторот Андреј Пулејков под наслов "Споредба на остварувањата на отворените инвестициски фондови во Македонија".
 

Комерцијална банка – добитник на наградата ‘Кристално ѕвоно’

На 11-та годишна конференција на Македонската берза по трет пат беше доделена наградата  ‘Кристално ѕвоно’ за најтранспарентно котирано друштво.
Изборната комисија во состав Мира Шекутковска, Кирил Нејков, Мирче Јовановски, Даниела Михајловска, Марија Ѓеорѓиевска, Ѕвонко Станковски, Наташа Хаџи Спиркова Стефановска, Иван Штериев и Илчо Лазарески, изготви критериуми за избор со кои се покриваат сите важни сегменти на транспрентноста во работењето на друштвата. Како критериуми за бодување едногласно беа усвоени следниве:
1. Квалитетот на комуникацијата со Берзата и квалитет и квантитет на објавените објави преку СЕИ-Нет;
2. Гoдишниот извештај на друштвото за 2008 година (кој е објавен во текот на 2009 година);
3. Квалитет  и објавени информации на интернет страницата на друштвото;
4. Односи со финансиските посредници, институционалните инвеститори и другите инвеститори и
5. Односи со медиумите и пошироката јавност.

Имајќи го предвид наведеното, согласно бодувањето на секој член на изборната комисија за избор на најтранспарентно акционерско друштво котирано на Македонска берза АД Скопје, наградата за најтранспарентно котирано друштво на Македонска берза за 2009 година беше доделена на Комерцијална банка Ад Скопје.