Известување од Макпетрол АД Скопје
вторник, 09 март 2004
Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје ја извести Македонската Берза дека на својата седница од 26.02.2004 година ги разгледа заклучоците на Одборот на Директори на Македонската Берза од седницата од 16.02.2004 година како и мислењето дадено по овие заклучоци од страна на акционерите потписници на Договорот.
Соодветно на своите надлежности и овластувања Управниот одбор на Макпетрол АД Скопје за сите аспекти од Договорот меѓу акционерите што имаат импликација врз управувањето и раководењето со Друштвото како и спрема самото Друштво ќе ги изнесе на расправа и одлучување на првата наредна седница на Собранието на акционери и ќе постапува согласно на соодветно донесените Одлуки од акционерите.
Во поглед на одредбите на Договорот за определени права и привилигеии (особено утврдени со Фондот за кредитирање), со Договорот не се врши имплементација на истите определени права и привилегии туку е искажана само интенција истото да се извршува преку соодветно расправање и одлучување на Собранието и другите органи на Друштвото.
Во однос на забелешките за правата и обврските на Комисијата востановена со Договорот се укажува дека истата нема никави ингеренции во однос на посредување при тргување со акциите издадени од Друштвото, туку има овластувања само во поглед на следење на спроведување на Договорот и во таа насока давање на потребни известувања од интерес на акционерите - потписници на Договорот
Управниот одбор истакнува дека Трговското Друштво Макпетрол АД како правно лице и издавач на акции ги почитува правилата и ги исполнува условите за котација на Официјалниот пазар на Македонската Берза за хартии од вредност и нема, како правно лице, преземено никакви дејствија со кои се нарушуваат или повредуваат Правилата на Македонската Берза за котација на акциите на Друштвото на Официјалниот пазар ниту Договорот за котација (бр. 03-1661/1 од 04.12.2002 год.) склучен помеѓу Македонската берза за долгорочни хартии од вредност АД Скопје и Макпетрол АД Скопје.