Македонска берза и АТЕМ ќе соработуваат со цел заедничка едукација и унапредување на изворите на финансирање за македонските претприемачи и е-трговци
среда, 09 декември 2020

                                                

Македонска берза и Асоцијација за е-трговија на Македонија (АЕТМ) денеска потпишаа Меморандум за соработка.
Потпишувањето на овој Меморандум произлегува од стратешките определби на двете институции и нивната комуникација во рамките на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. Целта е отпочнување на поблиска соработка помеѓу АТЕМ и Берзата во доменот на размена на информации, едукација и создавање партнерство во функција на идно поповолно деловно окружување и поефикасно финансирање на претприемачите.

„Има многу млади претприемачи и старт-ап компании во нашата земја кои имаат одлични идеи и голем потенцијал за раст и развој на нивниот бизнис. COVID-19 отвори уште повеќе можности за прогресивните претприемачи, но и предизвици за брза адаптација и егзекузија, бидејќи идеите без имплементација ќе останат само идеи. Расте и потребата за развој и промоција на нови начини на финансирање за домашните компании, а соработката со Македонска берза верувам дека ќе биде обид да им се даде можност на ваквите компании кои имаат потенцијал да остварат брза експанзија и успех.” вели Претседателот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска.

„Стратешка определба на Берзата е да врши континуирана промоција и едукација за можностите и предностите на пазарното финансирање на деловните субјекти, без разлика на нивната моментална организациона форма и животна фаза. Претприемачите и старт-апите кои се членки на АТЕМ секако припаѓаат на иновативниот дел на македонската економија и како такви најверојатно можат да приберат финансиски средства од определени инвеститори, пред се преку шемите на колективно финансирање” вели Главниот извршен директор на Македонска Берза, г-дин Иван Штериев.

Првата заедничка активност е веќе закажана за понеделник, 14. 12. 2020 година, кога ќе се одржи онлајн настан, на кој Берзата ќе ја презентира глобалната иновативна crowdfunding платформа Funderbeam, за која таа е екслузивен застапник во нашата држава. Настанот ќе биде отворен за сите членови на АТЕМ и на истиот ќе може да се информираат за сите детали околу оваа платформа како извор на финансирање за нивните постојни и идни проекти и бизнис иницијативи. Преку оваа платформа македонските стартапи имаат можност за пазарно финансирање, локално и глобално, во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал.