Времено прекинување на тргувањето со акциите на Комерцијална банка АД Скопје
четврток, 09 ноември 2006
Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата итна седница одржана на 09.11.2006 година, согласно точка 3.60 од Процедурите за тргување на Берзата, донесе одлука за времено прекинување на тргувањето со обичните и приоритетни акции на Комерцијална банка АД Скопје.
Оваа одлука Одборот ја донесе имајќи ја предвид состојбата на пазарот на хартии од вредност и тргувањето со акциите на Комерцијална банка АД Скопје во последните неколку дена на тргување, по објавувањето на соопштението од банката од 06.11.2006 година за процесот на изнаоѓање на стратешки инвеститор.
Согласно Процедурите за тргување на Берзата, во услови на постоење на големи ценовни флуктоации при тргување со некоја акција или други невообичаени околности при тргувањето, Одборот на директори може да донесе одлука за времено прекинување на тргувањето со определена хартија од вредност. Во конкретниот случај, при тргувањето со акциите на Комерцијална банка АД Скопје во последните неколку дена беа воочени значајни ценовни осцилации и голема пазарна нерамнотежа, односно многу поголема понуда на акциите на овој издавач во споредба со побарувачката.
Со оваа одлука Одборот дополнително превзема активности во правец на спроведување на општиот принцип на заштитата на инвеститорите на пазарот на хартии од вредност.
Временото прекинување на тргувањето со акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје ќе трае до објавување на дополнителни информации од страна на издавачот, пред се во врска со статусот на потпишаниот акционерски договор и веќе објавената продажба на сопствените акции на банката од 27.10.2006 година, како и која било друга информација што може да има влијание на одлуките на инвеститорите во наредниот период.
Берзата, во согласност со Процедурите за тргување, ќе ги извести членките на Берзата и јавноста за повторниот почеток на тргувањето со овие акции еден ден пред неговото продолжување.
Одборот на директори на Берзата континуирано ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.