Известување од Топлификација АД Скопје
четврток, 08 јули 2004
Топлификација АД Скопје до Македонската Берза достави Образложение за спроведување на Одлука на собрание на акционери за распоредување на добивка по годишна сметка за 2002 и 2003 година во кое, меѓу другото, е наведено следното:
“Собранието на акционери веќе втора година по ред носи одлуки да дивидендата од остварената нето добивка за односната година се исплаќа 50% во готово, а 50% се исплаќа на тој начин што исплатените пари на акционерите се употребуваат за купување на акции во име и за сметка на акционерите.
Акционерите кои стекнале право на дивиденда за односната година потпишуваат дека им е извршена исплата на 50% наменети за купување акции.
Во исто време потпишуваат полномошно со кое ополномоштуваат лице кое во нивно име и нивна сметка за износот на 50% наменети за купување акции, им купува акции издадени од Топлификација АД, а кои се расположиви на официјалниот пазар на Македонската Берза по пазарна цена.
Ополномоштеното лице има обврска во блок трансакција да изврши купопродажба на акциите и ги регистрира купените акции на сметката на соодветниот акционер во ЦДХВ, што за 2002 е завршена работа, а исто ќе биде и за 2003 година и сето тоа во законскиот рок, односно до 30.09.2004 година.“