Одржана бесплатна online обука за користење на апликациите eTrader и mTrader
петок, 08 мај 2020

Со цел да го поттикне тргувањето од далечина и користењето на дигиталните платформи преку продуктите кои ги нуди, Македонската берза денеска на 8 мај 2020 година одржа бесплатна online обука за користење на апликациите eTrader и mTrader.

Учесниците на online обуката се информираа за тоа како функционираат апликациите eTrader и mTrader, за можностите кои им ги нудат на инвеститорите во хартии од вредност, за тоа кои се условите за нивно користење, како може да се тргува на берза и како се следи тргувањето и сопственото портфолио на хартии од вредност.

Апликациите eTrader и mTrader се наменети за клиентите на брокерските куќи и банки – членки на Берзата. eTrader овозможува праќање електронски налози до членките на Берзата и комплетен увид во тргувањето со хартии од вредност во реално време преку компјутер или друг соодветен уред. mTrader e web апликација која овозможува давање електронски налози за тргување преку мобилен телефон. На овој начин се заменува традиционалниот начин на тргување на берза што подразбира физичко присуство на клиентите при давање налози за тргување во брокерската куќа или банка.

Предавач на обуката беше Дарко Сима од СЕЕ ЛИНК ДОО Скопје. СЕЕ ЛИНК е заедничка компанија на Македонската, Бугарската и Загребската берза.

Македонската берза и во наредниот период ќе продолжи со вакви и слични едукативни активности за кои сите информации можат да се најдат на интернет страницата  https://www.mse.mk/mk/trainingcenter/incoming-courses и официјалниот профил на берзата на социјалните мрежи.

Тргувај од далечина!

    https://www.facebook.com/macedonianstockexchange/

    https://www.linkedin.com/company/macedonian-stock-exchange/

   https://twitter.com/MseMkd

   https://www.youtube.com/user/MacedonianSE