По повод Меѓународниот ден на жената, Македонска берза втора година по ред, заедно со 118 други берзи ширум светот, зема учество во рамките на глобалната Иницијатива на Светската федерација на берзи „Да заѕвониме за родова рамноправност “(“Ring the Bell for Gender Equality”). Темата на Иницијативата за 2022 година е „Родова еднаквост денес за одржливо утре“.
По овој повод, денеска, ѕвоното на Македонска берза го заѕвонија Kate Marie Byrnes, Амбасадорка на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија, Нора Алити, Претседателка на Комисијата за хартии од вредност и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
„Во изминатата година одлучивме да поминеме од зборови на дела – во новиот Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва вградивме и конкретен таргет за учество на жените во органите на управување и одредба дека во нивните годишни извештаи ќе треба да објавуваат резиме на преземените активности за исполнување на оваа цел. Иако кодексите се мека регулатива и се базираат на принципот „Исполни или објасни зошто не си исполнил“ сметаме дека ова решение е значаен чекор напред во поглед на поголема застапеност на жените во органите на управување во најголемите и најуспешните македонски котирани друштва. Компаративната анализа со други кодекси во регионот и пошироко покажува дека ова наше решение е доста прогресивно - не сите кодекси одат со квантифицирање на ваков таргет, односно добар дел од кодексите одат со формулации кои подразбираат препорака или со генерална формулација дека таргетот треба да се определи на ниво на компании во зависност од нивната големина или други специфики.“ изјави Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонска берза.
Во оваа прилика, Претседателката на Комисијата за хартии од вредност М-р Нора Алити, изјави: „Со новиот Кодекс за корпоративно управување, кој беше изработен од Берзата и КХВ, а со подршка од ЕБОР, ја подигнавме свесноста за родовата перспектива кај котираните компании на ниво на добра корпоративна пракса. Во тој корпоративен натпревар според стандардите на новиот Кодекс, котираните компании ќе треба да преземаат мерки за да обезбедат најмалку 30 проценти жени членови на надзорниот и на управниот одбор до 2025 година. Јас сум свесна дека од една страна квотите не се популарни, би кажала дури најмалку за жените. Долг период и јас лично сум била против квотите бидејќи верував дека тие хранат еден друг стереотип -дека успехот на жените е само поради позитивната дискриминација на квотите. Но искуството ми покажа дека таму каде што нема квоти, нема ни жени, и со тоа го сменив тој став. Од друга страна пак за некои 30 проценти не е доволен таргет, и јас се согласувам, но прогресот треба да почне од некаде.“
„Светот денес се соочува со тешки времиња. Не се лесни времиња за глобалните пазари, за берзите, за граѓаните кои секојдневно ги чувствуваат овие предизвици. Жените во Северна Македонија се круцијален, суштински дел на карактерот на земјата и на нејзината иднина. Овој ден е важна можност за стремежот на жените во изминатиот век, но исто така е важно време да размислиме зошто родовата еднквост е важна за сите нас. САД се посветени на зајакнувањето на жените бидејќи тоа е вистинската работа и паметна работа што треба да се направи. Кога жените имаат напредок, земјата има напредок. Чекорите што ги преземаме кон родовата еднаквост ги прават подобри нашите општества, фер и подготвени да одговорат на сите предизвици со кои се соочуваме. Нам ни се потребни талентите на жените, искуството и лидерството.“ истакна амбасадорката Брнз.
Иницијативата Ring the Bell for Gender Equality, почнувајќи од 2015 година се одбележува во многу земји, со цел подигнување на свеста за клучната улога на приватниот сектор во унапредување на родовата еднаквост, како глобална цел за одржлив развој. Овој настан е инициран од IFC, The World Federation of Exchanges, Sustainable Stock Exchanges Initiative, UN Global Compact, UN Women и Women in ETFs.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата презентира кратка анализа за состојбите на овој план кај домашните котирани друштва што е достапна на следниов линк https://www.mse.mk/mk/news/8/3/2022/gender-analysis-2022
Видеото од настанот е достапно на следниот линк https://youtu.be/3hzvBAr3-w0