(Скопје, 08.11.2011 година) Во рамките на повеќегодишната соработката и традиција на размена на информации и искуства помеѓу Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Македонска берза АД Скопје, новиот амбасадор на САД, Н.Е. Пол Волерс оствари средба со управата на Македонската берза АД Скопје.
Во рамките на средбата беа презентирани историјата, организацијата, принципите на работење и моменталните случувања на Македонската берза. Воедно, се дискутираше и за тековните состојби и предизвици на светските финансиски пазари.
Амбасадор на САД, Н.Е. Пол Волерс, во неговата изјава по завршувањето на средбата изрази задоволство од средбата со управата на Македонска берза и можноста да се запознае со некои аспекти од функционирањето на економскиот систем во Македонија, каде, како што рече, Берзата треба да има значајна улога. Воедно, тој ја истакна и улогата што УСАИД, преку неколку проекти, ја имаше во развојот на пазарот на капитал во Македонија и дека „тоа е одличен пример што ја покажува соработката на двете земји во проекти што помагаат во развојот на Македонија.„
Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, се заблагодари за посетата на новиот Амбасадор на САД Н.Е. Пол Волерс и истакна „нашето уверување е дека и во овој турбулентен период ние, како неопходна инфраструктура во националната економија, ефикасно ја вршиме нашата функција на пазарно формирање и дистрибуција на цените на хартиите од вредност, со што се овозможува вреднување на економските активи и се даваат сигнали за прилагодување на различните економски актери. “.