Македонската и Виенската берза потпишаа Договор за соработка во доменот на дистрибуција на податоци
петок, 08 октомври 2010
Ја известуваме јавноста дека Македонската берза АД Скопје и Виенската берза, (членка на групацијата на берзи од Централна и Источна Европа - CEE Stock Exchange Group), потпишаа Договор за соработка во доменот на дистрибуција на берзански податоци. Договорот со кој се зацврстува соработката помеѓу двете берзи го потпишаа Мајкл Бул и Хенрих Шалер, членови на Управниот одбор на Виенската берза и Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонската берза. Согласно овој Договор, податоците од тргувањето на Македонската берза во реално време ќе се дистрибуираат преку посебната апликација за дистрибуција на податоци развиена од Виенската берза (Alliance Data Highway - ADH).
 
Потпишувањето на овој Договор произлегува од заложбите на Македонската берза за постигнување на што поголема меѓународна визибилност на македонскиот пазар на хартии од вредност. Со потпишувањето на овој договор податоците за тргувањето и за хартиите од вредност на Македонската берза ќе бидат достапни и преку посебната апликација за дистрибуција на податоци на Виенската берза преку која се врши консолидација и дистрибуција на берзански податоци од осум берзи на хартии од вредност, односно од членките на групацијата на берзи од Централна и Источна Европа (Виена, Будимпешта, Љубљана и Прага), како и од берзите во Букурешт, Сараево, Бања Лука и Скопје. Воедно, оваа апликација како извор на податоци за цени и други финансиски информации користи над 200 data vendor-и.