Соопштение на Берзата во врска со дневни ценовни ограничувања
среда, 08 октомври 2008

Имајќи ги предвид актуелните случувања на секундарниот пазар на хартии од вредност во последните неколку денови на тргување и воочените трендови на движење на цените на хартиите од вредност, Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата седницата одржана на 08.10.2008 година оцени дека моментално дозволените статички дневни ценовни флуктуации при тргувањето со хартии од вредност од +/-10% во однос на базната цена треба да се намалат и донесе одлука тие во наредниот период да изнесуваат +/-5%. Во однос на динамичките ценовни ограничувања во рамките на дозволените статички дневни ценовни флуктуации, Одборот на директори донесе одлука истите да се намалат од +/-3% на +/-1,5%. Овие одлуки на Одборот важат за сите хартии од вредност што се тргуваат во режимот на континуирано тргување на Берзата.

 

Воедно, Одборот на директори на Македонска Берза АД Скопје донесе одлука за сите хартии од вредност што на Берзата се тргуваат во режимот на фиксинг да воведе дневни ценовни ограничувања од  +/-10% во однос на базната цена.

 

Овие одлуки на Одборот на директори на Македонска Берза АД Скопје ќе се применуваат од 09.10.2008 година.

 

Одборот на директори на Берзата континуирано ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.