Бугарската, Загрепската и Македонската берза потпишаа Договор за грант од Европската банка за обнова и развој
понеделник, 07 јули 2014
Скопје, Македонија ‒ Друштвото СЕЕ ЛИНК ДОО Скопје, компанија основана од Бугарската, Македонската и Загрепската берза започна соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во функција на поддршка на развојот на регионалните пазари на капитал. 

ЕБОР ќе обезбеди грант од 540.000 евра што ќе се користи за креирање на техничко решение за електронски систем за прекугранично пренасочување на налозите за тргување. Истовремено, трите берзи - учеснички во проектот подеднакво ќе партиципираат во вкупната основна главнина на заедничката компанија во износ од 80.000 евра. На овој начин ќе се обезбеди финансирањето на платформа за тргување со хартиите од вредност котирани на овие три берзи.

ЕБОР е ангажиран во зајакнувањето на локалните пазари на капитал и го поддржува користењето на локалните валути во земјите во кои активно работи, со цел надминување на главните слабости кои резултираа од нивните транзициски процеси. 

“Компанијата СЕЕ ЛИНК е значајна иницијатива чија цел е зголемување на ликвидноста на пазарите на капитал во Југоисточна Европа. ЕБОР преку својата програма Local Currency and Capital Markets Initiative со задоволство ги поддржува активностите за регионална интеграција коишто придонесуваат за подобрување на можностите за зголемено финансирање преку пазарите на капитал. СЕЕ ЛИНК ќе придонесе за стандардизација и подобрување на финансиски услуги во регионот, правејќи ги поатрактивни за меѓународните инвеститори, вклучувајќи ја и ЕБОР” истакна г-дин Јацек Кубаш претставникот на ЕБОР, на церемонијата на потпишување на Договорот за грант во Скопје, Македонија.

Директорите на берзите Иван Такев (Бугарска берза), Ивана Гажиќ (Загрепска берза) и Иван Штериев (Македонска берза) се согласни дека средствата од фондовите што ќе ги обезбеди ЕБОР значително ќе придонесат за реализација на проектот којшто ќе им го олесни пристапот на инвеститорите до регионалните пазари и ќе придонесе за зголемување на визибилноста на берзите - учеснички.

"Ние силно веруваме во успехот на проектот и мислиме дека го пронајдовме моделот што може да ги зајакне регионалните пазари. Вниманието коешто што овој проект веќе го привлече од страна на финансиската заедница во оваа рана фаза сигурно го докажува тоа", изјави г-а Ивана Гажиќ, Претседател на Управниот одбор на Загребската берза.

Г-дин Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонската берза, истакна дека "подолг временски период еден од приоритетите на Македонската берза беше воспоставување некаков вид на регионално поврзување. Неодамнешното формирање  на заедничката компанија и обезбедувањето на поддршка од ЕБОР се многу охрабрувачки чекори за успешно креирање на функционален модел на поврзување којшто ќе биде од корист за сите учесници на регионалните пазарите на капитал. "

"Нашиот заеднички проект се развива брзо и успешно, а ние сме охрабрени од првичниот интерес покажан од страна на инвеститорите", вели г-дин Иван Такев, извршен директор на Бугарската берза.

Берзите од Бугарија, Македонија и Хрватска во мај оваа година формираа заедничка компанија со седиште во Македонија, при што секоја од берзите има еднакво учество во вкупната основна главнина на друштвото. Следен чекор во реализација на проектот е креирање на техничко решение за пренасочување на налозите за тргување, што е планирано да се реализира наредната година.