ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ЦЕНОВНИ ОГРАНИЧУВАЊА
понеделник, 07 мај 2007
Македонската берза АД Скопје ја известува јавноста дека од 07.05.2007 година ќе почне да се применува новата Одлука за утврдување на ценовни ограничувања при тргувањето со хартии од вредност на Македонската берза АД Скопје, со која се определува дека ценовните флуктуации при тргувањето со сите хартии од вредност на Македонската берза АД Скопје во еден ден на тргување не можат да бидат поголеми или помали од 10% во однос на параметарот “базна цена”.
Со оваа измена основен параметар кој го определува дозволениот распон на дневните ценовни флуктоации повеќе не е официјалната дневна просечна цена на хартиите од вредност од претходниот ден на тргување, туку параметарот “базна цена”. Базната цена за некоја хартија од вредност за одреден ден на тргување е определена од тоа дали во претходниот ден на тргување е истргувана т.н. “минимална прифатлива количина на хартии од вредност”, која пак ги зема во предвид и зависи од просечната дневна количина на истргувани хартии од вредност во периодот од 20 претходни трговски денови, вкупно издадените хартии од вредност од еден издавач и распространетоста на тие хартии од вредност во јавноста.
Воедно, со оваа Одлука се проширува примената на ценовните ограничувања при тргувањето со сите хартии од вредност на Берзата вклучувајќи ги и некотираните хартии од вредност.
Исто така, од 07.05.2007 година ќе се применува и Одлуката за измени и дополнувања на Процедурите за тргување на Македонска берза АД Скопје со која се воведува ист режим на тргување за хартиите од вредност на сите пазарни сегменти на Берзата, со што сите хартии од вредност (и котирани и некотирани) ќе се тргуваат во ист режим на тргување. За оваа одлука согласно законските прописи е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност.