Соопштение на Берзата во врска со дневни ценовни ограничувања
вторник, 07 ноември 2006
Имајќи ги предвид актуелните случувања на секундарниот пазар на хартии од вредност во последните неколку денови на тргување и воочените трендови на движење на цените на хартиите од вредност, Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата седницата одржана на 07.11.2006 година оцени дека моментално дозволените статички дневни ценовни флуктуации при тргувањето со хартии од вредност од +/-10% во однос на официјалната просечна цена од претходниот ден на тргување треба да се намалат и донесе одлука тие во наредниот период да изнесуваат +/-5%. Воедно, Одборот на директори донесе одлука динамичките ценовни ограничувања во рамките на дозволените статички дневни ценовни флуктуации да се намалат од +/-3% на +/-1,5%. Донесените одлуки на Одборот важат за сите хартии од вредност што котираат на Берзата и се применуваат од 08.11.2006 година.
Оваа одлука Одборот на директори ја донесе со цел намалување на настанатата пресија во правец на намалување на цените на хартиите од вредност на Берзата што е забележана во последните неколку дена на тргување. Притоа, Одборот смета дека и во услови на помали статички и динамички ценовни ограничувања, цените на хартиите од вредност на Берзата ќе можат непречено да се утврдуваат согласно понудата и побарувачката на пазарот. Со оваа мерка Одборот смета дека ќе се придонесе за дополнителна заштита на инвеститорите и интегритетот на македонскиот пазар во хартии од вредност, односно стабилизирање на воочените ценовни трендови.
Одборот на директори на Берзата континуирано ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.