Соопштение за јавност во врска со прилогот на А1 телевизија
среда, 06 септември 2006
Во врска со континуираните прилози на А1 Телевизија, објавени во последните неколку дена, во кои се прави обид да се “анализира” остварениот промет и движењето на цените на акциите на берзата, Македонската берза АД Скопје смета за потребно да ја информира јавноста за следното:
•формирањето и движењето на цените на акциите на компаниите со кои се тргува на берзата се одвива по прецизно утврдени правила и процедури одобрени од регулаторниот орган на пазарот на хартии од вредност - државната Комисија за хартии од вредност. Во рамките на тие правила и процедури се вградени низа механизми кои имаат за цел транспарентно информирање на инвеститорите, објективно формирање на цените на акциите и минимизирање на евентуалните поголеми ценовни осцилации;
•постигнатите цени на акциите кои секојдневно се формираат на берзата се одраз на моменталните проценки и идните очекувања на инвеститорите на пазарот на хартии од вредност, базирани на јавно објавените финансиски резултати и други ценовно чувствителни информации поврзани со работењето на акционерските друштва кои котираат на берзата. Секако, врз инвестиционите одлуки на купувачите и продавачите на акции на берзата влијаат и други фактори како, на пример, општата економска и политичка ситуација во земјата, најавите за превземање на компаниите од страна на стратешки инвеститори, берзанските трендови со акциите на сродни компании во регионот и пошироко, компаративните анализи на нивото на цените на акциите во рамките на една иста индустрија или на други странски берзи итн.;
•вложувањето во хартии од вредност подразбира, по дефиниција, прифаќање на одредено помало или поголемо ниво на ризик - во кои хартии од вредност да се вложат слободните парични средства, кога да се вложи во некоја хартија од вредност и кога да се продаде или да не се продаде некоја хартија од вредност. Оттука, при вложувањето во хартии од вредност од пресудна важност е инвеститорите да ги дефинираат своите очекувања, како од аспект на висината на приносот кои го посакуваат, така и од аспект на временскиот период во кои истиот би го оствариле. Ризикот од погрешна проценка не е својствен само кај вложувањето во хартиите од вредност. Тој е присутен при секоја одлука за вложување, без разлика дали се тоа хартии од вредност, недвижност, автомобил, опрема, уметнички дела...;
•имајќи ги предвид наведните специфики, насекаде во светот, вклучително и во Република Македонија, работењето со хартии од вредност е високо регулирана област во која постојат повеќе институции кои што се грижат за ефикасно функционирање на пазарот на хартии од вредност и заштита на интересите на инвеститорите (комисии за хартии од вредност, ревизори, берзи, депозитари, брокерски куќи и банки, овластени брокери и инвестициони советници итн.);
•со оглед на фактот што пазарот на хартии од вредност го движат информации еден од клучните предуслови за негово квалитетно функционирање (покрај ефикасноста на наведните институции) е објективниот и, пред се, професионалниот пристап на медиумите во следењето и информирањето на јавноста за случувањата на пазарот на хартии од вредност. Според наша оценка начинот на кој споменатата телевизија во последно време ја информира јавноста за случувањата на Македонската берза е далеку од тоа. Не се анализираат финансиските показатели на котираните компании и истите не се доведуваат во релација со моменталните цени на акциите; не се следат движењата на другите берзи во регионот и тамошните случувања не се споредуваат со овдешните трендови; не се анализираат цените постигнати при стратешките превземања на странски компании од исти индустрии во кои работат македонските компании со чии акции најмногу се тргува на берзата; не се зема предвид фактот за отворената европска перспектива на Република Македонија... Наместо тоа берзанските случувања се анализираат паушално, при што се наведуваат негативни мислења и прогнози на неименувани “експерти”, се наведуваат искуства од други земји истргнати од контекст без да се води сметка дали истите можат да се пресликаат на моменталната фаза на развој на македонскиот пазар на хартии од вредност и, без многу размислување, се даваат сериозни квалификации и прогнози за некакви “пирамиди”, “кладилиници” и “игри”, што кај инвеститорите може да предизвика впечаток дека тргувањето со хартии од вредност е нешто нерегулирано, неконтролирано и препуштено единствено на стихија. На сите берзи во светот се случуваат и порасти и падови на цените, но за тоа најчесто се употребуваат постручни и не толку сензационалистички термини. Од сето ова произлегува дека, по се изгледа, не се води премногу сметка за одговорноста кои што ја имаат медиумите во креирањето на јавното мислење во овој домен што, за среќа, е доста прецизно уредена материја во новиот Закон за хартии од вредност;
•Македонската берза АД Скопје ја поздравува и подржува тенденцијата берзанските случувања да бидат во фокусот на интересирањето на медиумите. Тоа е најголема потврда за постигнатиот развој на македонскиот пазар на хартии од вредност. Но, новата развојна фаза на пазарот на хартии од вредност треба да биде проследена и со нов поаналитичен пристап на медиумите во толкувањето и прогнозите за случувањата на пазарот. Секако, конечниот одговор дали и најаргументираните прогнози за идните движења на берзанските цени на акциите ќе се покажат како точни секогаш ќе го дадат најповиканите - купувачите и продавачите на хартии од вредност преку нивните идни инвестициони одлуки, односно пазарниот механизам како таков.