Известување од Охридска банка АД Охрид
понеделник, 05 септември 2005
Во врска со порастот на цената на обичните акции на Охридска банка АД Охрид, раководството на банката достави известување до Македонската Берза во кое го наведува следното: „Во врска со бараната информација за порастот на цената на акциите на Банката во последните денови на тргување, Ве известуваме дека не поседуваме ценовно осетлива информација која би имала влијание на ваквиот пораст. Менаџментот на банката оценува дека континуираното успешно работење на Банката, верифицирано со ревизорските извештаи на „КПМГ“, исплатената дивиденда за 2004 година, како и објавените полугодишни резултати за оваа година имаат поттик во вредноста на акциите при трансакциите на Македонската берза. Тоа реално допринесува за зголемување на побарувачката на акциите на Банката, која на страната на понудата не е пропратена со соодветен обем. Во последните месеци констатираме дека купувачи кои го детерминираат растот на цената се претежно словенечки берзанско-посреднички куќи и инвестициски фондови зад кои стои непознат број на клиенти, со непознато потекло, обем и цели на интересот, манифестиран за повеќе успешни домашни компании и банки. На финансискиот пазар, државните институции и НБРМ им е потребна поголема база на информации за согледување и управување со акционерските основи. На тој начин органите на компаниите чии акции се купуваат не би дошле до изненадување во стекнувања на сопственост од непознати причини, кои не секогаш имаат оправдување со комерцијално образложение.“