Известување од Гранит АД Скопје
вторник, 05 април 2005
Имајќи го предвид повикот за стекнување сопствени акции пропорционално од сите акционери објавен од страна на котираното друштво Гранит АД Скопје во изданието на дневниот весник „Утрински весник“ од 05.04.2005 година, Македонската берза го контактираше друштвото, кое до Берзата ја достави одлуката од Управниот одбор на Гранит АД Скопје од 28.03.2005 година. Во одлуката, која е донесена врз основа на член 333 и 334 од Законот за трговски друштва, како и согласноста добиена од Надзорниот одбор на друштвото, наведено е дека Гранит АД Скопје ќе се стекне со сопствени акции од акционерите понудени за продажба на друштвото најмногу до 1/10 од основната главнина односно 307.137 обични акции.
Стекнувањето на сопствените акции ќе се изврши пропорционално од сите акционери во друштвото, по номиналната цена на акциите од 5 евра за една акција, по среден курс на еврото објавен од НБРМ на денот на трансакцијата.
Друштвото упати јавен повик со понуда за стекнување сопствени акции до сите акционери, во траење од 30 дена од денот на објавувањето.
За стекнување сопствени акции од акционерите ќе се користат средствата од акумулираната добивка на друштвото.