Конкурс за годишна награда за истражувачки труд за 2011 година
понеделник, 05 декември 2011

Во продолжение се наоѓа:

Одлуката за утврдување на условите за начинот на доделување на награда за истражувачки труд
и
Конкурсот за годишна награда за истражувачки труд

Врз основа на член 41 од Статутот на Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје, Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата 59-та седница одржана на ден 30.11.2011 година донесе


О Д Л У К А
за утврдување на условите и начинот на доделување на награда за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија


1. Се распишува Конкурс за годишна награда за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија за 2011 година.

2. Вредноста на годишната награда за истражувачкиот труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија кој ќе биде избран како најдобар изнесува 60.000 денари нето.

3. Изборот на најдобар истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија го врши Комисија формирана за таа цел составена од 5 (пет) члена и тоа 3 (три) претставници од Македонска Берза АД Скопје и 2 (два) надворешни членови.

4. За членови на Комисијата за избор на најдобар истражувачки труд како претставници од Берзата се именуваат:

• проф. др. Јане Миљовски – Неизвршен член на Одбор на директори
• Иван Штериев – Главен Извршен директор
• Илчо Лазарески – Директор на Секторот за деловни операции.

5. За надворешни членови на Комисијата за избор на најдобар  истражувачки труд се именуваат:

• проф. др. Михаил Петковски
• доц. др. Сашо Арсов

6. За Претседател на Комисијата за избор на најдобар истражувачки труд се именува  проф. др. Михаил Петковски.

7. Останатите услови за добивање на награда за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија во однос на темата, формата, содржината и намената на истражувачкиот труд, правото на учество на конкурсот, начинот на доставување на истражувачкиот труд, потребните податоци во прилог на трудот и крајниот рок за доставување на трудот се утврдени во конкурсот од точка 1 на оваа Одлука кој ќе биде објавен на веб страницата на Берзата. Текстот на конкурсот е составен дел на оваа Одлука.

8. Одлуката стапува во сила со денот на нејзиното донесување.

9. Одлуката да се достави до именуваните членови на Комисијата и да се објави на веб страницата на Македонска берза.


 Одбор на директори

        Претседател

    Кирил Митровски



Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје врз основа на одлука донесена од Одборот на директори на Македонската берза на седницата одржана на 30.11.2011 година, објавува


К   О   Н   К   У   Р   С
за годишна награда за истражувачки труд од областа
на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија


Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје доделува годишна награда за 2011 година за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.

Годишната награда на Македонската берза изнесува 60.000 денари.

Трудот треба да обработува тема од областа на функционирањето на пазарот на хартии од вредност и задолжително да содржи апликативен дел за состојбата на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, односно истражувачката материја да се доведе во корелација со актуелната состојба во Република Македонија.

Трудовите се поднесуваат на македонски јазик.
Обемот на трудот не треба да надминува повеќе од 30 страници.

Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија. Вработените и членовите на органите на управување на Македонската берза немаат право на учество на конкурсот.
          Еден автор има право да поднесе само еден труд.
На конкурсот авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во текот на 2011 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.

Конкурсот ќе се смета за успешен доколку се пријават најмалку 3 (три) истражувачки труда.

 Трудовите се поднесуваат до Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје со назнака: „За годишна награда на Македонската берза за 2011 година“ по електронски пат, на адреса: zakonkurs@mse.org.mk.

Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.

Изборот на најдобар труд го врши Комисија која се состои од пет члена, од кои најмалку двајца се надворешни членови. Претседателот и членовите на Комисијата ги назначува Одборот на директори на Македонската берза со одлука која ќе се објави на интернет страницата на Македонската берза.

 Краен рок за доставување на трудовите е 31.03.2012 година.

Годишната награда на Македонската берза ќе се додели на годишната конференција на Македонската берза за 2012 година.


МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД СКОПЈЕ