Американскиот амбасадор Филип Рикер во посета на Македонската берза
петок, 05 декември 2008

Во духот на соработката и размена на искуства помеѓу Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Македонска берза АД Скопје, денес (05.12.2008), се одржа средба за запознавање на новиот амбасадор на САД, Н.Е. Филип Рикер со управата на Македонска берза АД Скопје.

Во рамките на средбата се дискутираа глобалните, регионалните и локалните финансиски и економски текови, со посебен осврт на случувањата на Македонската берза.

Амбасадор на САД, Н.Е. Филип Рикер, во неговата изјава по завршувањето на средбата изрази задоволство од средбата со управата на Македонска берза и можноста да поразговара за актуелните случувања на пазарот на хартии од вредност. Амбасадорот потенцираше дека иако пазарите на хартии од вредност во светски рамки се зафатени од глобалната економска криза и владее таканаречен „мечкин пазар“, САД гледаат „биковска перспектива“ за македонската економија и Македонската берза.

Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, се заблагодари за посетата на новиот Амбасадор на САД Н.Е. Филип Рикер и потсети на континуирано одличната соработка со Амбасадата и УСАИД. Г-дин Штериев истакна „Со Амбасадорот разменивме мислења за тековните состојби на пазарот, како и за мерките кои ги презема Македонската берза во услови на глобалната финансиска криза. Истовремено, ги споредивме овие мерки со искуствата на други берзи, при што со задоволство можам да констатирам дека Македонската берза АД Скопје, имајќи ја предвид спецификата на нашиот пазар и развојната фаза во која што ги дочекавме овие турбуленции, презема далеку повеќе од многу други берзи по ова прашање“.





* Амбасадорот Рикер во разговор со раководството на Македонската Берза