Соопштение на Берзата во врска со случајот “Маврово“
среда, 05 декември 2007
ЗА СЛУЧАЈОТ „МАВРОВО”
За почеток
Последните случувања на македонскиот пазар на хартии од вредност и коментарите во јавноста за тие случувања наметнуваат потреба уште еднаш да се објасни улогата на различните учесници на пазарот.
Би сакале да ги потсетиме сите „познавачи” на берзанската проблематика дека акционерските друштва котираат на Берзата на доброволна основа. Берзата стапува во деловни односи со котираните акционерски друштва преку склучување договори за котација. Котацијата придонесува за градење на имиџот на акционерските друштва, кои самостојно одлучиле да работат потранспарентно од останатите и прифатиле објавувањето на финансиски и нефинансиски ценовно чувствителни информации во јавноста да претставува нивна постојана обврска. Оттука, котираните друштва пред инвеститорите ја носат целосната правна одговорност за објавените, но и за необјавените информации поврзани со нивното работење. Берзата нема можност да врши увид и контрола врз тековното работење на котираните друштва на дневна основа и, поради тоа, не може во секое време да знае дали во овие друштва се случуваат настани кои за инвеститорите имаат карактер на ценовно чувствителни информации.
Вложувањето во хартии од вредност во модерните пазарни економии, со оглед на неизбежните ризици кои постојат на пазарот и зависноста од правовремени и релевантни информации, има третман на јавно добро. Пазарот на хартии од вредност почива на доверба на јавноста. Токму поради тоа оваа област е предмет на детална регулатива и стриктна поделба на институционалните овластувања и одговорности. Берзите, пред с#, го организираат самото тргување со хартии од вредност и се грижат за дистрибуција на податоците од тргувањето и податоците за работењето на котираните друштва. Регулаторите на пазарот на хартии од вредност и другите институции на правната држава ги определуваат законските правила на игра и се грижат за спроведување на истите.
За случајот
Да го вклопиме актуелниот случај АДГ Маврово Скопје во контекст на кажаното погоре.
Во врска со настаните на пазарот на хартии од вредност поврзани со АДГ Маврово, друштво котирано на Берзата, сметаме дека е особено важно македонската јавност да ја информираме за следното:
Објавување на ценовно чувствителни информации
• Македонската берза доби индиции за постоење на ценовно чувствителна информација - пререгистрација на ДООЕЛ Мавровоинженеринг во ДОО, со допис доставен на 13.11.2007 година од група акционери преку нивен правен застапник. Во прилог на тој допис беше доставена фотокопија од Договор за усогласување на ДООЕЛ во ДОО склучен помеѓу АДГ Маврово и Медијан Трејд ДОО Скопје. На фотокопијата немаше штембил и печат на АДГ Маврово, а нотарската заверка беше нечитлива. Имајќи ги предвид овие индиции, а поради неможноста да се утврди веродостојноста на доставените документи, Берзата итно реагираше со барање АДГ Маврово да се произнесе околу ова. На 19.11.2007 година АДГ Маврово достави до Берзата известување со детали околу пререгистрацијата на свои две фирми - ќерки од ДООЕЛ во ДОО: Мавровоинженеринг и Примаинженеринг. Истото е објавено преку специјалната веб апликација на Берзата СЕИНет, пред почеток на тргувањето на 20.11.2007 година. Со ова целата инвеститорска јавност беше запознаена со оваа ценовно чувствителна информација, за што до тој момент знаеле само лицата кои учествувале во договарањето и спроведувањето на трансакцијата (пререгистрацијата). Инидиции, пак, за ова, очигледно имале и акционерите, кои преку својот застапник ја информираа Берзата неколку дена пред тоа.
• Постапувањето на Берзата во оваа ситуација беше строго во согласност со нејзините правила: во моментот кога официјално ја доби ценовно чувствителната информација од котираното друштво, Берзата ја објави истата во јавноста. Претходно, Берзата немала таква информација и не можела да објави нешто за кое не знаела. Дали пред овој момент и колку долго некој имал таква информација, дали ја искористил истата и зошто побрзо не била информирана јавноста (преку Берзата) или Комисијата за хартии од вредност, тоа ќе биде предмет на истрага и евентуално санкционирање од страна на надлежните институции.
• Имајќи го предвид наведеното, може лесно да се заклучи дека токму реакцијата на Берзата помогнала да се обелодени оваа значајна ценовно чувствителна информација и истата да им стане достапна на сите инвеститори.
Јавен повик за свикување акционерско собрание
• Што се однесува до постапувањето на Берзата во врска со објавениот јавен повик за одржување на собрание на акционери на АДГ Маврово согласно судско решение, истиот беше објавен од страна на застапникот на група акционери на 07.11.2007 година во еден не многу тиражен деневен весник. За истото Берзата не беше известена до моментот на објавување на јавниот повик. Утредента, на 08.11.2007 година, по промптната реакција на Берзата, информацијата дека во дневен весник е објавен јавниот повик, заедно со ставот на котираното друштво АДГ Маврово, беше објавена и достапна до сите инвеститори на вообичаениот начин – преку специјалната веб апликација СЕИНет. На тој начин, секој заинтересиран инвеститор добил информација дека е во тек постапка за свикување собрание согласно член 386 од Законот за трговски друштва и дека истата ќе биде обжалена од страна на котираното друштво.
Прекинување на тргувањето
• Со оглед на тоа што во јавноста се полемизира дали и кога Берзата можела и/или требала да го прекине тргувањето со акциите на АДГ Маврово, треба да потсетиме дека во минатото Берзата го прекинуваше тргувањето со одредени акции кога, врз основа на официјално објавени информации од самите друштва или изјави во медиуми од акционери со квалификувано учество во тие друштва, се бараа дополнителни информации, а не откако информациите беа дистрибуирани во јавноста.
• Тргувањето со акциите овој пат беше прекинато со одлука на Одборот на директори на Берзата, донесена на вонредна седница одржана на 26.11.2007 година, како санкција поради задоцнето објавената ценовно чувствителна информација и поради фактот што во настанатата ситуација постоеше висок степен на конфузија во врска со (не)валидноста на закажаното Собрание на акционери на АДГ Маврово Скопје на 29.11.2007 година свикано со јавниот повик од 07.11.2007 година согласно судско решение.
• Напомнуваме дека помеѓу 14.11. и 19.11.2007 година (периодот за кој се проблематизира дека тргувањето не е прекинато) на Берзата беа истргувани вкупно 580 акции на АДГ Маврово. Оваа истргувана количина претставува 0,19% од вкупната истргувана количина на акции на ова друштво во периодот 01.01.-19.11.2007 година, кога се истргувани 305.004 акции или 122,86% од вкупната главнина на друштвото.
• Во контекст на големата трговска активност со овие акции во 2007 година, интересно е да се напомене дека во ревидираните финансиски извештаи на АДГ Маврово за 2006 година (исто така објавени на СЕИНет), овластените ревизори се воздржуваат од давање мислење, со детално образложение за причините за воздржувањето. Напомнувајќи дека позитивниот финаниски резултат и неквалификуваното ревизорско мислење не се услови за котација на Берзата, би сакале да истакнеме дека причините наведени од страна на ревизорите за воздржување од давање мислење претставуваат важна информација што за секој инвеститор би требала да значи поголем ризик од инвестирање.
За реакциите на Берзата
На седницата на Одборот на директори на Берзата, одржана на 26.11.2007 година, како што веќе беше објавено, Берзата ги презеде следните мерки:
• Котираното друштво АДГ Маврово Скопје беше јавно опоменато заради непочитување на Правилата за котација на Македонската берза во делот на објавување на ценовно чувствителни информации;
• Времено беше прекинато тргувањето со акциите на АДГ Маврово Скопје во периодот од 28.11.2007 година до 05.12.2007 година.
• Времено беа суспендирани од котација акциите на АДГ Маврово Скопје, во период до 30 дена, почнувајќи од 27.11.2007 година. Во овој период мируваат сите релации помеѓу Берзата и АДГ Маврово врз основа на склучениот договор за котација.
• АДГ Маврово останува да котира на Официјалниот пазар на Берзата, имајќи го предвид фактот дека исклучувањето од котација засега не би водело кон заштита на акционерите и инвеститорите.
Битен е и фактот дека, и покрај убеденоста присутна кај повеќе субјекти дека Берзата располага со неограничена моќ, согласно Правилата за котација на Берзата одобрени од Комисијата за хартии од вредност, најостра казна што Берзата може да ја изрече кон одредено котирано друштво е јавна опомена и исклучување од котација.
За крај
Случајот Маврово заслужува да биде предмет на јавна дебата затоа што негативните последици што од него произлегоа, а особено разврската што следува по реакциите на сите надлежни институции, ќе имаат големо влијание врз натамошниот развој на македонскиот пазар на хартии од вредност.
Секако, во целата вжештена атмосфера не треба да се заборави дека вакви случаи ги потресувале и, веројатно, и во иднина ќе ги потресуваат и многу поразвиените пазари на хартии од вредност во светот. Добро се познати, на пример, случаите на Енрон (Enron), Ворлдком (Worldcom) или Пармалат (Parmalat) кои се случија во последните години на пазари со долгогодишна традиција и регулатива.
За жал, од јавните изјави на некои акционери на АДГ Маврово, очигледно е дека познавањата за надлежностите, овластувањата и одговорностите на различните институции и учесници на пазарот на хартии од вредност се сеуште на мошне ниско ниво. Од друга страна, вложувањето во хартии од вредност треба да оди во чекор со добро познавање на начинот на функционирањето на пазарот и на релевантните законски прописи.
Затоа, сметаме за потребно да упатиме порака дека во јавноста не треба да се излегува со нестручни, неинформирани и неиздржани оценки. Исто така, наша порака е дека проблемите произлезени од еден изолиран случај не треба да се користат за давање генерални негативни оценки за состојбите на македонскиот пазар на хартии од вредност, односно (легитимното) незадоволство од настанатата ситуација да не се претвора во паушални јавни атаци врз тој пазар.
Пресудно во случајот Маврово, сепак, ќе биде дали надлежните институции, преку активирање на сите механизми што им стојат на располагање, ќе испратат јасна и недвосмислена порака дека вакво нешто не смее да се повтори.
МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД СКОПЈЕ