Конкурс за годишна награда за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија
понеделник, 05 ноември 2007
Македонска берза на хартии од вредност АД Скопје врз основа на одлука донесена од Одборот на директори на Македонската берза на седницата одржана на 31.10.2007 година, објавува
К О Н К У Р С
за годишна награда за истражувачки труд од областа
на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје доделува годишна награда за 2007 година за истражувачки труд од областа на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија.
Годишната награда на Македонската берза изнесува 60.000 денари.
Трудот треба да обработува тема од областа на функционирањето на пазарот на хартии од вредност и задолжително да содржи апликативен дел за состојбата на пазарот на хартии од вредност во Република Македонија, односно истражувачката материја да се доведе во корелација со актуелната состојба во Република Македонија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Македонија. Вработените и членовите на органите на управување на Македонската берза и вработените и членовите на органите на управување во членките на Македонската берза немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски јазик.
Еден автор има право да поднесе само еден труд.
На конкурсот авторите имаат право да конкурираат и со веќе објавени трудови во текот на 2007 година. При поднесувањето на трудот, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Македонската берза на хартии од вредност АД Скопје со назнака: „За годишна награда на Македонската берза за 2007 година“ по електронски пат, на адреса: zakonkurs@mse.org.mk.
Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Изборот на најдобар труд го врши Комисија која се состои од пет члена, од кои најмалку двајца се надворешни членови. Претседателот и членовите на Комисијата ги назначува Одборот на директори на Македонската берза со одлука која ќе се објави на интернет страницата на Македонската берза.
Краен рок за доставување на трудовите е 31.01.2008 година.
Годишната награда на Македонската берза ќе се додели на годишната конференција на Македонската берза предвидена за Април 2007 година.
МАКЕДОНСКА БЕРЗА АД СКОПЈЕ