Одборот на директори на Македонска берза АД Скопје на седницата одржана на 29.07.2013 година, донесе Одлука за усвојување на нова Методолoгија за пресметка на Македонскиот берзански индекс МБИ10.
Имено, со постапката на задолжителна котација значително се зголеми бројот на котираните друштва на Официјалниот пазар на Берзата, а со тоа и хетерогеноста на котираните акции, при што постои понагласена разлика меѓу друштвата во поглед на големината на пазарната капитализација и во поглед на процентот од пазарната капитализација кој е распространет во јавноста (free float).
Од тие причини, се воведува нова Методологија за пресметување на Македонски берзански индекс МБИ10, со следните новини:
• воведување на “free float” пазарна капитализација за пресметување на индексот;
• наместо досегашните 5 се воведуваат 3 критериуми за избор на акции за вклучување во индексот (free float пазарна капитализација, просечен дневен промет и број на денови на тргување);
• како и намалување на максималното влијание на секој елемент на индексот на денот на ревизијата од 25% на 20%.
Согласно новата Методологија за пресметка на Македонскиот берзански индекс МБИ10, на 02.09.2013 година Комисијата за берзански индекс изврши вонредна ревизија на индексот МБИ10.
Согласно Методологијата за пресметување на индексот МБИ10, Комисијата за берзански индекс определи дека елементи на индексот МБИ10 ќе бидат обичните акции издадени од: Комерцијална банка АД Скопје, Гранит АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Макпетрол АД Скопје, Топлификација АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Македонијатурист АД Скопје и Реплек АД Скопје.
Датум на имплементација на извршената ревизија, односно датумот од кој ќе отпочне да се пресметува индексот по новиот состав е 16.09.2013 година.
Следната редовна ревизија на МБИ10 е на 15.12.2013 година.
Новата Методологија за пресметка на Македоснкиот берзански индекс МБИ10 можете да ја преземете преку следниов линк:
http://www.mse.mk/mk/content/13/3/2010/structure-of-index-mbi10
На седницата одржана на 29.07.2013 година, Одборот на директори на Берзата донесе Одлука за престанок за пресметување на Индексот на јавно поседувани друштва МБИД, започнувајќи од 16.09.2013 година.
Со постапката на задолжителна котација на Пазарот на акционерски друштва со посебни обврски за известување моментално се тргуваат акциите на само 18 друштва, со исклучително ниска ликвидност, поради што веќе нема релевантна потреба за следење на ценовните движења на овој пазарен подсегмент по пат на пресметка на посебен индекс.
Измени кај индексите кои ги пресметува Берзата
среда, 04 септември 2013