На 30 јуни 2016 година заврши третиот циклус од наградната игра што се организира во рамките на едукативниот портал на Македонската берза Виртуелна берза. Овој циклус започна во октомври 2015 година и во наградната игра беа вклучени околу 300 учесници кои преку Виртуелната берза стекнаа практично искуство од тргувањето со хартии од вредност.
На секој регистриран учесник му беа доделени 500.000 денари виртуелни пари со кои виртуелно се купуваа акции што котираат на Македонската берза по реални цени постигнати од тргувањето на Македонската берза. Покрај едукативниот карактер, оваа игра имаше за цел кај секој учесник да стимулира остварување на најголема вредност на своето портфолио.
По завршувањето на третиот циклус на Виртуелната берза најуспешен учесник е Анен Калач од Велес кој во текот на повеќемесечното виртуелно тргување успеа иницијално добиените 500.000 денари да ги инвестира во различни акции и играта да ја заврши со највисока вредност на своето портфолио од 3.067.196 денари. На второ место е Ирина Желева од Штип со остварена вредност на портфолио од 2.989.536 денари, додека трет најуспешен учесник е Марјан Мишовски од Скопје кој постигнал вредност од 2.899.656 денари на портфолиото.
Македонската берза на тројцата најуспешни учесници ќе им додели соодветни награди кои се состојат во годишна претплата на продуктот Бестнет за следење на тргувањето на Македонската берза во живо, посета на една од обуките во рамките на Тренинг центарот на Македонска берза (по избор на добитникот), доделување на Прирачник за тргување со хартии од вредност, како и можност за едномесечна пракса на Берзата доколку добитниците се студенти на додипломски или постдипломски студии.