Почеток на пресметување на Индекс на обврзници на Македонската берза-ОМБ
петок, 30 јуни 2006
Одборот на директори на Македонската Берза на седницата одржана на 26.06.2006 година донесе Одлука за пресметување на Индекс на обврзници на Македонската Берза АД Скопје, со назив ОМБ. ОМБ ќе биде ценовен индекс пондериран со прометот, со ограничување дека уделот на ниту една обврзница во состав на индексот не смее да надминува 30%.
Индексот ОМБ ќе се пресметува врз основа на Методологијата за пресметување на Индекс на обврзници на Македонската берза-ОМБ, а ќе биде составен од котираните обврзници на Македонската берза избрани согласно критериуми наведени во Методологијата. Почетниот состав на ОМБ го сочинуваат следните обврзници:
1. Обврзници за намирување на побарувањата на граѓаните по основ на депонираните девизни влогови, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМ01,
2. Обврзници за денационализација-Прва емисија, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМДЕН01,
3. Обврзници за денационализација-Втора емисија, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМДЕН02,
4. Обврзници за денационализација-Трета емисија, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМДЕН03,
5. Обврзници за денационализација-Четврта емисија, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМДЕН04 и
6. Обврзници за денационализација-Петта емисија, издадени од Република Македонија, со шифра на тргување РМДЕН05.
Почетната вредност на ОМБ е 100, на крајот на денот на тргување на 30.06.2006 година.
Методологијата за пресметување на Индекс на обврзници на Македонската берза-ОМБ ќе биде објавена на интернет-страницата на Македонската Берза.