Престанок на Македонскиот Берзански Индекс МБИ. Од 04.01.2005 година стартува новиот Македонски Берзански Индекс МБИ-10
четврток, 30 декември 2004
Македонската Берза АД Скопје го пресметуваше и објавуваше Македонскиот Берзански Индекс - МБИ. МБИ беше составен од обичните акции на Алкалоид АД Скопје, Европа АД Скопје, Комерцијална Банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје и Топлификација АД Скопје. На последниот ден од неговото постоење, вредноста на МБИ изнесуваше 1.351,63 индексни поени, што во однос на почетокот на неговото пресметување е пораст од над 135%.
Одборот на директори на Македонската Берза на 22.11.2004 година донесе одлука со која од 04.01.2005 година Македонската Берза започнува со пресметување и објавување на новиот Македонски Берзански Индекс - МБИ-10. Како база на индексот со вредност 1.000 се зема неговата вредност на 30.12.2004 година. Комисијата за берзански индекс, согласно критериумите за избор наведени во Методологијата за пресметување на Македонски Берзански Индекс, одлучи МБИ-10 да биде составен од обичните акции на следните 10 котирани друштва: Алкалоид АД Скопје, Топлификација АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Макпетрол АД Скопје, Скопски пазар АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Гранит АД Скопје, Македонијатурист АД Скопје, Европа АД Скопје и Охридска банка АД Охрид. Започнувајќи од 04.01.2005 година МБИ-10 ќе ги одразува промените на цените на акциите на овие друштва, пондерирани со нивната пазарна капитализација.
Методологијата за пресметување на Македонскиот Берзански Индекс - МБИ-10 може да се најде на интернет страницата на Македонската Берза.