Македонска Берза со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем од неодамна овозможи систематски и организиран пристап до платформата Funderbeam која е наменета за финансирање на стартапи, но и мали и средни претпријатија преку принципот на crowdfunding.
Во рамките на настанот „Недела на Funderbeam“, Извршниот директор на Македонска Берза, Иван Штериев денеска се сретна со Гречен Биркл и Едвард Гонзалез од канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија, дискутирајќи ги придобивките што македонското деловно опкружување ќе ги добие преку оваа платформа. Северна Македонија е меѓу првите земји од регионот на Западен Балкан која ќе има ваков пристап до crowdfunding платформата Funderbeam, овозможувајќи домашните претприемачи да имаат брз, транспарентен и едноставен начин за финансирање на нивните иновативни идеи, а македонските инвеститори да вложат финансиски средства во овој дел од бизнис секторот.