Во врска со последните настани поврзани со приемот на Република Македонија во НАТО и влијанието на истите врз тргувањето на Македонската берза АД Скопје на 03.04.2008 година, Одборот на директори на Берзата денес одржа итна седница и донесе соодветни заклучоци за кои ја информира јавноста.
- Одборот на директори на Берзата ја разгледа новонастаната состојба при тргувањето со хартиите од вредност на Берзата на 03.04.2008 година и констатира дека главниот индекс на Македонската берза АД Скопје, МБИ 10, на крајот од тргувањето на 03.04.2008 година забележа рекорден дневен пад од 8,4%. Истовремено, Одборот констатира дека тајмингот на случувањето на настаните поврзани со приемот на Република Македонија во НАТО веќе подолго време беше општо позната информација за сите инвеститори на Берзата. Воедно, од направените анализи беше увидено дека и покрај рекордниот пад на индексот МБИ-10 на дневно ниво, постигнатиот вкупен промет на Берзата од 76,7 милиони денари е меѓу првите 5 најдобри трговски денови во 2008 година. Исто така, Одборот на директори утврди дека тргувањето со поединечните хартии од вредност на Берзата на 03.04.2008 година воглавно се одвиваше без особено нагласена пазарна нерамнотежа, односно на пазарот постоеа и куповни и продажни налози;
- Поради наведените причини, Одборот на директори заклучи дека тргувањето на Берзата во Петок, на 04.04.2008 година, ќе продолжи согласно важечките правила за тргување одобрени од Комисијата за хартии од вредност, со која во текот на денот Берзата беше во постојана комуникација. Заклучокот на Одборот се базира и на фактот што во последните неколку години (кога Берзата бележеше извонредно голем раст и на нивото на цените и на вкупниот промет) во правилата за тргување на Берзата беа вградени низа механизми кои што имаа за цел објективно формирање на цените на хартиите од вредност, но, што е уште поважно во овој момент, и минимизирање на евентуалните големи ценовни осцилации и во нагорна и во надолна линија (воведени ценовни ограничувања, утврдување на т.н. базна цена и минимално прифатлива количина итн.);
- Одборот на директори, исто така, уште еднаш укажува дека светските искуства покажуваат дека на среден и долг рок, одлучувачки фактор кој ги определува цените на хартиите од вредност на берзите се оперативните и финансиските перформанси на самите компании, нивната сегашна состојба и идните перспективи. Сите други околности, вклучувајќи го и исходот од самитот на НАТО, немаат директно влијание на работењето на акционерските друштва, туку, пред сé, влијаат на временската динамика на ценовните амплитуди на пазарот.
- Одборот на директори на Берзата континуирано ќе продолжи да ги следи случувањата на пазарот на хартии од вредност и ќе постапува во согласност со истите.