На 31.12.2021 година стапија во сила најновите измени на Правилата за котација на Македонска берза, усвоени од Одборот на директори на Берзата на 21.12.2021 година, а за коишто е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност на 27.12.2021.
Овие најнови измени на Правилата за котација се поврзани со начинот и динамиката на имплементација на новиот Кодекс за корпоративно управување од страна на котираните акционерски друштва на Берзата, кои согласно член 42-а и член 63-а од Правилата за котација, со состојба 01.11.2021 година ги исполнуваат критериумите за примена на истиот.
Со направените измени императивната обврска за промптна примена на Кодексот се трансформира во опција за друштвата. Имено, котираните акционерски друштва самостојно, врз основа на нивната проценка и деловна политика ќе одлучат дали во нивните годишни извештаи за работење во 2021 година (што ќе ги усвојуваат во 2022 година) ќе известат за досегашната примена на корпоративните практики предвидени во новиот Кодекс.
Ова нормативно решение е донесено имајќи ги предвид барањата на дел од котираните друштва кои за динамиката на имплементација на новиот Кодекс реагираа преку Стопанската комора.
По истекот на 2022 година примената на Кодексот ќе биде задолжителна за сите друштва што ќе ги исполнуваат пропишаните критериуми.
Во новиот Кодекс за корпоративно управување се вградени најсовремени добри меѓународни практики и тој ќе има повеќекратни позитивни долгорочни импликации во работењето и имиџот на котираните акционерски друштва. Кодексот беше заеднички проект на Берзата и Комисијата за хартии од вредност за кој беше добиена техничка помош од Европската банка за обнова и развој.
Берзата ги охрабрува и поттикнува сите засегнати котираните друштва да започнат со примена на новиот Кодекс уште во 2022 година, односно да известат за своите моментални корпоративни практики согласно одредбите во Кодексот, особено имајќи го предвид фактот дека известувањето за примената на Кодексот се прави според принципот „примени или појасни зошто не си применил“.
Пречистениот текст на Правилата за котација може да ги најдете на следниот линк:https://www.mse.mk/mk/content/21/1/2008/listing-rules
Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата е достапен на следниот линк: https://www.mse.mk/mk/content/14/10/2021/corporate-governance-code