Времена суспензија од котација и почеток на тргување на Слободен пазар на акциите на Топлификација АД Скопје
петок, 29 јули 2016
Имајќи ги предвид случувањата поврзани со седницата на собранието на акционери на Топлификација АД Скопје одржана на 19.07.2016 година, односно фактот дека сеуште не е објавено известување за текот и исходот од ова собрание и неизвесноста колку долго ќе трае оваа состојба, а со цел одржување на стабилен пазар на хартии од вредност и заштитата на инвеститорите, Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје на својата седница на 28.07.2016 година одлучи акциите издадени од Топлификација АД Скопје времено да се суспендираат од котација, согласно член 53 од Правилата на Котација на Берзата, во траење од 30 дена, почнувајќи од 01.08.2016 година.
 
Исто така, Одборот на директори одлучи во текот на траењето на оваа суспензија, со акциите на Топлификација да се тргува на Редовниот пазар на Берзата, на подсегментот Слободен пазар, со цел да им се овозможи на акционерите на Топлификација АД Скопје и на инвеститорите на пазарот на хартии од вредност непречено тргување со овие акции. Тргувањето со акциите на Топлификација АД Скопје на Слободниот пазар ќе почне на 01.08.2016 година.
 
Оттука, ги информираме инвеститорите на пазарот на хартии од вредност, при евентуалното тргување со акциите на Топлификација АД Скопје на Слободниот пазар на Берзата, да ги имаат предвид настанатите промени во поглед на котацијата на друштвото на Берзата и неговите обврски за известување на јавноста.