Податоци од регионалните берзи достапни преку веб страниците
понеделник, 27 септември 2010
Во согласност со Меморандумот за соработка склучен помеѓу Македонската и Бугарската берза во 2003 година, а со цел понатамошен развој на националните пазари на капитал и взаемно поттикнување на активностите на бугарските и македонските портфолио инвеститори на двата пазари, Македонската и Бугарската берза денеска (27 септември 2010 година) во Софија потпишаа Договор за размена на податоци од тргувањето и нивно тековно објавување на берзанските веб страници. Договорот го потпишаа г-дин Иван Штериев, Главен извршен директор на Македонската берза и г-дин Асен Јагодин, Претседател на Одборот на директори на Бугарската берза.


Со Договорот се предвидува на дневна основа, по завршување на тргувањето, да се разменуваат податоци за обемот на тргувањето по пазарни сегменти и финансиски инструменти, пазарната капитализација, движењето на главните берзански индекси и цените на определени хартии од вредност на двете берзи. Воедно, на дневно ниво на веб страниците (www.mse.mk и www.bse-sofia.bg)   ќе се пресметуваат и објавуваат повеќе финансиски показатели за 10-те најликвидни хартии од вредност на двата пазари. 

На овој проект наскоро ќе се придружи и Белградската берза, што ќе овозможи дополнително регионално проширување на размената на берзански податоци.

До податоците од регионалните берзи можете да пристапите преку почетната страница на Берзата, или преку следниов линк