Нови апликации за приклучување во СЕЕ Линк.
По Белградската и Љубљанската берза коишто поднесоа апликација за пристап во СЕЕ Линк во февруари оваа година, Бањалучката берза којашто истото го направи во март, овој месец апликација за членство во СЕЕ Линк поднесе и Атинската берза.
Вклучувајќи ги трите берзи основачи (Загребската, Македонската и Бугарската берза), СЕЕ Линк сега се проширува на вкупно 7 пазари.
Како што е познато платформата за пренасочување на налози за тргување СЕЕ Линк стана целосно оперативна на крајот на март оваа година. Двата индекси на СЕЕ Линк SEE LinX и SEE LinX EWI беа лансирани на почетокот на април, а во нивниот состав влегуваат 10-те најтргувани хартии од вредност котирани на трите берзи - основачи. Движењето на овие индекси може да се следи преку сајтот на СЕЕ Линк www.see-link.net
СЕЕ Линк платформата моментално поддржува тргување со хартии од вредност на бугарскиот, хрватскиот и на македонскиот пазар.
Фактичкото приклучување на новите четири пазари во платформата ќе се реализира градуелно во наредниот период за што јавноста ќе биде соодветно информирана.