Правната промена во делот на одржување на годишните собранија на акционери за време на вонредната состојба, со сите импликации што од тоа ќе произлезат за работењето на акционерските друштва, секако ќе има големо влијание на тргувањето со хартии од вредност на берзата. Пред се, инвеститорите нема во најавените и очекувани тајминзи да ја добијат дивидендата, што е еден од основните мотиви за вложување во хартии од вредност. Сметаме дека ова ќе има одраз на вреднувањето на хартиите од вредност на компаниите што се тргуваат на берзата, а последователно и на пазарната динамика и осцилаторност. Сето ова се надоврзува на другите новонастанати околности за домашниот пазар на хартии од вредност поради влијанијата на вирусот COVID-19.
Берзата, согласно своите законски овластувања и добиената лиценца за работа, и понатаму ќе продолжи да обезбедува собирање на понуди за купување и продавање на хартиите од вредност и пазарно формирање на цените на истите, односно ќе овозможува континуирано тргување со хартиите од вредност на македонскиот пазар и во овие услови, се додека објективните околности го дозволуваат тоа и додека нема соодветни одлуки на надлежните институции.