АДГ Маврово - Одлука на ОД на Берзата за јавна опомена, времен прекин на тргување и времено суспендирање од котација
вторник, 27 ноември 2007
Македонската берза АД Скопје ја информира јавноста за следното:
• На седницата одржана на 27.11.2007 година Одборот на директори на Македонската берза донесе одлука за изрекување на јавна опомена на котираното друштво АДГ Маврово Скопје, времено прекинување на тргувањето со акциите издадени од АДГ Маврово Скопје и времено суспендирање од котација на акциите издадени од АДГ Маврово Скопје.
• Согласно Одлуката на Одборот на директори на Македонската берза:
o Котираното друштво АДГ Маврово Скопје јавно се опоменува заради непочитување на Правилата за котација на Македонската берза во делот на објавување на ценовно чувствителни информации;
o АДГ Маврово Скопје останува да котира на Официјалниот пазар на Берзата, имајќи го предвид фактот дека исклучувањето од котација во овој момент не би водело кон заштита на акционерите и инвеститорите;
o Времено се прекинува тргувањето на Берзата со акциите издадени од АДГ Маврово Скопје почнувајќи од 28.11.2007 година (среда) до 05.12.2007 година (среда). Тргувањето со акциите издадени од АДГ Маврово Скопје ќе продолжи на 06.12.2007 година (четврток);
o Времено се суспендираат од котација акциите издадени од АДГ Маврово Скопје, во период до 30 дена, почнувајќи од 28.11.2007 година (среда). Во овој период мируваат сите релации помеѓу Македонската берза и АДГ Маврово врз основа на склучениот Договор за котација.
• Одлуката на Одборот на директори на Берзата следи по последните настани поврзани со котираното друштво АДГ Маврово Скопје (јавен повик за свикување собрание на акционери објавен согласно судско решение, ненавремено објавени ценовно чувствителни информации од страна на друштвото итн.). Одборот на директори утврди дека котираното друштво АДГ Маврово Скопје не ги испочитувало одредбите од Правилата за котација на Берзата и ја донесе наведената одлука, со цел заштита на целината на пазарот на хартии од вредност, вклучувајќи ги и инвеститорите и издавачите на хартии од вредност.
• Имајќи ја предвид комплексноста на целата ситуација и импликациите за ефикасното функционирање на македонскиот пазар на хартии од вредност, Берзата ги повикува сите надлежни институции да преземат енергични мерки во рамките на своите надлежности.