Согласно декларираните определби на Одборот на директори на Македонската берза АД Скопје за континуирано следење на состојбите на пазарот на хартии од вредност, на седницата одржана на 26.10.2008 година Одборот на директори донесе Одлука со која за хартиите од вредност кои се тргуваат во режим на фиксинг се воведуваат ценовни ограничувања од ±20% во однос на базната цена.
Оваа Одлука започнува да се применува од 27.10.2008 година.
Воедно, на седницата одржана на 26.10.2008 година Одборот на директори донесе Одлука со која започнувајќи од 30.10.2008 година (Четврток) се продолжува времето на тргување на Македонската берза до 13:00 часот. Со оваа промена со хартиите од вредност кои се тргуваат во режим на континуирано тргување ќе може да се склучуваат трансакции од 10:00 до 13:00 часот, додека кај хартиите од вредност кои се тргуваат во режим на фиксинг се воведуваат уште два круга на фиксинг и тоа: од 12:00 часот до 12:30 часот и од 12:30 часот до 13:00 часот.
Во овие рамки, се донесе и Одлука со која започнувајќи од 30.10.2008 година (Четврток) се продолжува времетраењето на прекинувачките аукции, при што подфазата со фиксно времетраење наместо досегашните 300 секунди, ќе изнесува 600 секунди, додека времетраењето на подфазата рандом во прекинувачките аукции останува непроменета (120 секунди).