|
|
На 26 септември 2006 година, во просториите на Македонската берза беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Македонската берза и Виенската берза.
Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу двете берзи е дел од стратегијата на Македонската берза за континуирано интензивирање на соработака со берзите од поширокиот регион. Меморандумот за соработка со Виенската берза претставува израз на заедничкиот интерес на двете берзи за воспоставување поблиска билатерална соработка и можност за реализација на заеднички проекти во иднина. Од македонска страна Меморандумот го потпиша Главниот Извршен директор, г-дин Иван Штериев, а во името на Виенската берза Меморандумот го потпиша извршниот директор, г-дин Михаел Бул.
По повод потпишувањето на Меморандумот, г-дин Бул меѓу другото истакна: Ни претставува особено задоволство што Македонската берза изрази интерес за продлабочена соработка со нашата берза... Не само Македонската, туку и Виенската берза во европски рамки претставуваат релативно помали берзи кои со заедничко вложување на сили и идеи можат да придонесат за сопствен развој и унапредување на функционирањето на домашните пазари на хартии од вредност.
Г-динот Иван Штериев, исто така, го изрази своето задоволство од новите можности што се отвораат за Македонската берза со потпишувањето на Меморандумот, особено истакнувајќи го следново: Потпишувањето на меморандуми за соработка во светот на берзите е одраз на јасно и јавно изразена волја и инетерс за соработка и претставува предуслов за воспоставување добри деловни односи, со цел меѓусебно помагање, разменување искуства и поддршка на клучните корисници на услугите на берзите – финансиските посредници и котираните компании.
Досега Македонската берза има потпишано меморандуми за соработка со берзите во Атина, Љубљана, Белград, Загреб и Софија.