Измени и дополнувања на Правилата за котација на Македонска берза
вторник, 26 октомври 2021

Од 26.10.2021 година отпочнува со примена Одлуката за измени и дополнувања на Правилата за котација на Македонска берза, донесена од страна на Одборот на директори на Берзата на 20.09.2021 година, а за којашто е добиена согласност со Решение на Комисијата за хартии од вредност од 07.10.2021. Паралелно со овие измени на Правилата за котација усвоен е и нов Кодекс за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата. Измените на Правилата за котација во најголем дел се поврзани со овој Кодекс. 

Измените и дополнувањата на Правилата за котација дефинираат критериуми според кои ќе се определуваат котираните друштва кои во иднина ќе треба да известуваат согласно новиот Кодекс за корпоративно управување. Котираните друштвата кои нема да ги исполнат предвидените критериуми можат доброволно да изберат да го применат Кодексот.
 
Кодексот за корпоративно управување ќе се применува на издавачите чии акции котираат на Официјалниот пазар на Берзата на сите пазарни подсегменти што на 31.12 секоја тековна година исполнуваат најмалку три од следните четири услови:

  • пазарна капитализација во вредност од најмалку 5.000.000 евра;
  • најмалку 100 акционери;
  • најмалку  5% распространетост на родот на акциите во јавноста и
  • со акциите на издавачот се тргувало во најмалку 30% од вкупниот број на денови на тргување во тековната година.

Берзата ќе го пресметува исполнувањето на наведените услови и ќе ги известува издавачите за исполнувањето, односно за престанокот на исполнувањето на истите. Списокот на котирани друштва кои ги исполнуваат условите Берзата ќе го објавува на својата интернет страница. 

Почетното определување на друштвата кои ќе имаат обврска за примена на Кодексот ќе биде извршено на 01.11.2021 година.

Друштвата кои ги исполнуваат условите за примена на Кодексот се должни да известат за своите практики на корпоративно управување согласно пропишаните рокови во Правилата за котација, во рамки на Годишниот извештај за работење на друштвото на начин пропишан со Правилата. Известувањето за примената на практиките од Кодексот за корпоративно управување друштвата го прават со примена на принципот „примени или појасни зошто не си применил”. 

Пречистениот текст на Правилата за котација во којшто се целосно вградени сите најнови измени и дополнувања може да ги најдете на следниот линк: https://www.mse.mk/mk/content/21/1/2008/listing-rules.

Кодексот за корпоративно управување на котираните друштва на Берзата е достапен на следниот линк: https://www.mse.mk/mk/content/14/10/2021/corporate-governance-code